Запознавање на децата со богатото културно наследство на Охрид, развивање љубов и почит кон традицијата, поттикнување на креативното изразување и зајакнување на чувството на припадност кон локалната заедница беше целта на проектот „Бисерни приказни под Самоиловите ѕидини“ кој се реализираше со поддршка на Општина Охрид во рамките на програмата „Културата расте со децата“.

Во текот на проектот беа реализирани три едукативно-креативни работилници во кои учествуваа ученици од III, IV и V одделение од руралните средини, вели координаторот на проектот Лила Каранфиловска.

Преку приказни, истражувачки активности, разговори, групна работа и креативни изработки, учениците имаа можност да го откријат значењето на Охридскиот бисер како симбол на традицијата, да научат за вредностите што се пренесуваат од генерација на генерација и да создадат свои оригинални творби инспирирани од културното наследство. Веруваме дека секое дете кое беше дел од овие работилници понесе со себе по еден мал „бисер“ – ново знаење, убав спомен и поголема свест за богатството што го поседува нашиот крај. Бисерите не се само накит – тие се приказни, идентитет и вредности што треба да ги чуваме и пренесуваме на идните генерации, истакнува Каранфиловска.

Посебно значајно место во рамките на проектот, посочува, имала работилницата „Самоилова тврдина – чувари на тврдината“, преку која учениците се запознале со еден од најпрепознатливите симболи на Охрид и македонското културно-историско наследство.

Преку адаптирана приказна, разговори и истражувачки активности, учениците ги проширија своите знаења за историското значење на Самоиловата тврдина и нејзината улога во зачувувањето на идентитетот и традицијата. Во креативниот дел од работилницата, учениците работеа во групи и изработуваа макети на тврдини од глина и различни материјали, при што развиваа креативност, просторно размислување, соработка и тимска работа. Преку играта со улоги „Чувари на тврдината“, тие имаа можност да ги презентираат своите изработки, да ги објаснат нивните функции и да покажат разбирање за значењето на културното наследство. Како резултат од работилницата, учениците стекнаа нови знаења за Самоиловата тврдина како историски симбол на Охрид, го продлабочија разбирањето за поимот културно наследство и развија чувство на одговорност кон неговото зачувување.

Преку практична и интерактивна работа, вели Каранфиловска, тие покажале високо ниво на ангажираност, креативност и интерес за локалната историја, потврдувајќи дека учењето преку доживување и создавање претставува ефикасен начин за доближување на културните вредности до најмладите.

Особено значајно е што проектот овозможи културните содржини да допрат и до децата од руралните средини, создавајќи еднакви можности за учење, творење и активно учество во културниот живот. Преку ваквите активности, културното наследство не останува само дел од минатото, туку станува жива инспирација за новите генерации. Резултатите од проектот се видливи во зголемената љубопитност на учениците за локалната историја и традиција, нивната креативност, самодоверба и подготвеност да бидат чувари на културните вредности. Нивните приказни, макети, ликовни творби и идеи се доказ дека кога децата учат преку доживување и создавање, знаењето станува трајна вредност.

Воедно упати благодарност до Одделението за култура при Општина Охрид за нивната соработка, поддршка и посветеност во поттикнувањето на културниот развој кај најмладите, посочувајќи дека нивниот придонес претставува значајна инвестиција во зачувувањето на културните вредности и во градењето нови генерации кои со гордост ќе го негуваат и пренесуваат богатото културно и историско наследство на Охрид.

Верувам дека ваквите проекти оставаат трајни вредности кај децата, поттикнуваат љубопитност, креативност и чувство на припадност кон заедницата, а истовремено придонесуваат за зачувување и афирмација на културниот идентитет на нашиот град, додава Каранфиловска.

OhridNews