Полесен пристап на граѓаните до институциите и што поголема нивна вклученост во процесот на донесување одлуки на локалната самоуправа е целта на проектот што е реализиран во Општина Охрид преку донација и поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Канцеларијата на УНДП во земјата.

Станува збор за проект преку кој со финансиски средства обезбедени како донација се целосно реконструирани влезните скали на општинската зграда во Охрид со изградба на лифт за лица со попреченост и хендикеп, како и обнова и опремување на Големата сала на Советот на општината.

Амбасадорот на Швајцарија во земјата Сибил Сутер во оваа прилка изрази задоволство што општинските власти во Охрид помошта ја насочиле токму кон зајакнување на учеството на граѓаните во донесењето одлуки што е смислата на демкратските општества.

Мошне сум задоволна што градоначалникот на Охрид и претседателката на Советот преку овој проект демонстрираа подготвеност да им овозможат на граѓаните да бидат вклучени во носењето одлуки. Така и за оваа инвестиција, приоритет е даден на такви активности. Монтираниот лифт ќе им овозможи и на луѓето со физичка попреченост полесен пристап до локалните инситуци. Тоа е во согласност со нашите очекувања, какви активности би требало секоја од општините да спроведува, рече амбасадорката Сутер.

Постојаната преставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава Нарине Сахакјан од своја страна истовремено изрази задоволство од резултатите на спроведениот проект.

Она што радува повеќе од самите инфраструктурни зафати е што се гледа поинаков пристап кај општинските власти за тоа како да се инволвираат граѓаните во процесот на донесување одлуки. Сега се забележува една нова култура каде граѓаните почнуваат да учествуваат во процесот на одлучување во општината, да решаваат што е важно за нив, да покажуваат одговорност за благосостојбата на својот град, рече таа.

Што се однесува на актуелната ситуација предизвикана од епидемијата на Ковид-19, беше посочена потребата во новата реалност од поинаков пристап кон работните процеси во локалните самоуправи, со засилена дигитализација на општинските институции, нешто што ќе биде реализирано преку слични проекти.

За одржувањето на седниците на Советот е потребна опрема, дигитализација на процесот, нешто што ќе овозможи и засилено присуство на самите граѓани кои преку Интернет ќе можат да ги следат процесите на донесување на одлуките во општината. Иднината е таа, УНДП ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија да излезе посилна и поотпорна од оваа криза, рече Сахакјан.

OhridNews