ХОТАМ
Од 01.05.2022 - 00:00 до 31.08.2022 - 00:00
Хотелската асоција на Македонија – ХОТАМ, отпочна кампања за запознавање на јавноста и работодавачите со можноста за краткорочни вработувања во хотелско-угостителски објекти кои ќе се реализираат во претстојната туристичка сезона.
Преку проектот „Платформа за вработување и социјални работи (ESAP)“ финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ), ХОТАМ ја пилотира мерката „Да ја направиме пријавената работа привлечна за работодавачите и вработените“ (MDWA).
Ќе бидат опфатени краткорочни вработувањата во периодот од 1 мај 2022 до 31 август 2022 година во охридско-струшкиот регион. Ова би значело можност за дополнителна заработка со платени придонеси, како и евидентиран работен стаж. Можат да се вклучат невработени лица, вработени лица со согласност од работодавачот, студенти, ученици со 15 и повеќе години, велат од ХОТАМ.

За почеток дневниците ќе бидат 1.500 денари за келнери, шанкери, собарки… и по 3.000 денари за готвачи од прва класа, со оглед на тоа дека ќе бидат ангажирани само во одредени денови и има одредено ограничувања колку би можеле таква работа да извршуваат. Многу е важно што ќе биде пријавена работа и нема да биде на црно, а придонесите за пензиско осигурување ќе бидат платени преку пилот мерката. Конкретно, дневниците и сите придонеси ќе ги исплати работодавачот во моментот кога ќе ги процесира платите за сите свои вработени, а тимот на пилот мерката, после добивањето на извештај за исплатени плати и придонеси, ќе изврши враќање на соодветниот износ на сметката на работодавачот.
Заинтересираните баратели на работа треба да се регистрираат на веб страната на ХОТАМ . Доколку не се веќе вработени треба да бидат пријавени во Агенцијата за вработување, да имаат извршено санитарен преглед и да имаат важечко лекарско уверение од лекар по медицина на трудот. За работа или дополнителна работа во хотелски и угостителски објекти може да се пријават лица со навршени минимум 15 години.
Заинтересираните угостителски објекти за повеќе детали може да ја посетат веб страната на ХОТАМ – Информации за бизниси-членки.
OhridNews











