ХОТАМ

Од 01.05.2022 - 00:00 до 31.08.2022 - 00:00

Хотелската асоција на Македонија – ХОТАМ, отпочна кампања за запознавање на јавноста и работодавачите со можноста за краткорочни вработувања во хотелско-угостителски објекти кои ќе се реализираат во претстојната туристичка сезона.

Преку проектот „Платформа за вработување и социјални работи (ESAP)“ финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ), ХОТАМ ја пилотира мерката „Да ја направиме пријавената работа привлечна за работодавачите и вработените“ (MDWA).

Ќе бидат опфатени краткорочни вработувањата во периодот од 1 мај 2022 до 31 август 2022 година во охридско-струшкиот регион. Ова би значело можност за дополнителна заработка со платени придонеси, како и евидентиран работен стаж. Можат да се вклучат невработени лица, вработени лица со согласност од работодавачот, студенти, ученици со 15 и повеќе години, велат од ХОТАМ.

Барателите на работа, кои во моментот не се работно ангажирани, велат од ХОТАМ, кај еден работодавач можат да бидат ангажирани најмногу девет дена, но во текот на месецот можат да бидат ангажирани и кај други работодавачи. Лицата кои веќе имаат работен ангажман, можат дополнително да работат кај друг/и работодавач/и најмногу до 40 часа месечно.

За почеток дневниците ќе бидат 1.500 денари за келнери, шанкери, собарки… и по 3.000 денари за готвачи од прва класа, со оглед на тоа дека ќе бидат ангажирани само во одредени денови и има одредено ограничувања колку би можеле таква работа да извршуваат. Многу е важно што ќе биде пријавена работа и нема да биде на црно, а придонесите за пензиско осигурување ќе бидат платени преку пилот мерката. Конкретно, дневниците и сите придонеси ќе ги исплати работодавачот во моментот кога ќе ги процесира платите за сите свои вработени, а тимот на пилот мерката, после добивањето на извештај за исплатени плати и придонеси, ќе изврши враќање на соодветниот износ на сметката на работодавачот.

Заинтересираните баратели на работа треба да се регистрираат на веб страната на ХОТАМ . Доколку не се веќе вработени треба да бидат пријавени во Агенцијата за вработување, да имаат извршено санитарен преглед и да имаат важечко лекарско уверение од лекар по медицина на трудот. За работа или дополнителна работа во хотелски и угостителски објекти може да се пријават лица со навршени минимум 15 години.

Заинтересираните угостителски објекти за повеќе детали може да ја посетат веб страната на ХОТАМ – Информации за бизниси-членки.

OhridNews