Претприемачките идеи и потенцијалите на социјалните претпријатија во Охрид, но и можности за раст на најиновативните регионални социјални претпријатија, преку обезбедување финансиска, менторска и друга поддршка од различни засегнати страни презентирани на првиот Регионален саем на социјалните претпријатија од Југозападниот регион и невладините организации кои се занимаваат со некоја економска активност.

Како пример за успешна приказна на социјално претпријатие кое веќе 14 години работи во Охрид, а чија основна дејност е давање турустички услуги, но со инклузивен туризам, оттаму што нивни гости се лица со попреченост, беше претставено Заштитното друштво хотел „Далјан“ во Охрид. Примерот е дотолку поинтересен од социјален апект што половина од вработените во хотелот се лица со оштетен слух, а целиот персонал го зборува знаковниот јазик. Славица Стефановска, директорка на хотелот појасни дека работните места се организнирани и приспособени да физичката попреченост на вработените не биде пречка за функционирање на хотелот, кој на тој начин работи долги години.

Овој настан е можност за претставување пред заедницата, но и да се привлече вниманието на луѓето, бизниз заедницата, да преку користење на нашите услуги и нормално на услугите и производите на другите вакви препријатија се помогне на истите. Сега е мошне модерно да се зборува за општествено одговорни компании. Апелирам на општествена одговорност, изберете некое хотелче како нашето кое нема пет ѕвезди или четири за организирање на вашиот семинар, тим-билдинг настан. На тој начин ќе придонесете за олеснување на животот и рамноправен третман на сите ранливи категории. А ранливи се бидејќи немаме работа, вели Стефановска.

Нашата експертиза и поддршка ќе бидат ставени во функција на поддршка на ваквиот вид на социјални претпријатија, вели Мимоза Попоска, претставник од Фондација за поддршка на претпријатија “ЕСА” – Охрид, но и дел од екипата на Регионален центар за поддршка на социјалните претпријатија.

Социјалните претпријатија во никој случај не се поразлични од другите, но тие се претпријатија со срце. Профитот го ставаат во функција на развој на бизнисот и се грижат за социјалната компонента, односно за згрижување на лицата кои на некој начин се маргинализирани. Ова е почеток на креирање на вакви претпријатија. Верувам дека оваа иницијатива ќе биде успешна, вели Попоска.

Целта на проектот „Поддршка на социјални претпријатија“ е поддршка на претпријатија кои работат со ранлива категорија на граѓани и нивно интегрирање во локалната заедница, рече Барбара Садовска, тим лидерот на проектот, но и претседател и ко-основач на Фондацијата „Барка“.

Моментално работиме и на правната рамка со која би се дефинирале социјалните претпријатија и кои се нивните карактеристики. Исто така, работиме и на финансиските инструменти со кои би им се дало иницијален капитал на социјалните претпријатија кои ќе може да го користат за нивна оддржливост, додаде Садовска.

Ранливите категории на граѓани кои поради различни околности немаат услови за основна егзистенција, заслужуваат да добијат вистинска шанса и поддршка во борбата за достоинствен живот и сами да обезбедат подобра иднина за своите семејства, рече во обраќањето градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков.

Општина Охрид е подготвена за соработка и партнерство во целокупниот процес за развивање на локални иницијативи за социјално преприемништво. По примерот на современите европски практики, ги поттикнувам сите компании, невладини организации, образовни институции и другите социјални установи активно да се вклучат во овој процес. Убеден сум дека концептот на социјално преприемништво ќе прерасне во една успешна приказна во Охрид и целиот Југозападен регион и ќе придонесе за долгорочни социјални промени на кои сите ќе бидеме горди, рече Пецаков.

Инаку, проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, поддржан од Европската Унија го спроведува „Ептиса“, во конзорциум со „Барка“ и „Екорис“, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Н.С.Ј.