Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во изминатиот период документирал и процесуирал триесет случаи во коишто, преку социјалните мрежи, на носители на државни функции во РМ, им е загрозена сигурноста, како и случаи каде што се злоупотребени нивните лични податоци.

МВР соопшти дека се детектирани шест кривични дела за закани кон претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.

-Истите се документирани, со соодветни известувања до ОЈО и обезбедени Наредби до социјалната мрежа “Фејсбук“. Притоа од посочените шест кривични дела откриено е лице кое се сомничи за сторено кривично дело – “загрозување на сигурност“ (казниво по член 144, став 3 а в.в. став 1 од КЗ на РМ), а се однесува на регистирана објава на еден македонски веб портал, по претходно објавена статија на социјалната мрежа “Фејсбук“, која што во вид на закана е упатена до претседателот на Владата на РМ. Во случајот осомничениот за кривичното дело е откриен во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка, со социјалната мрежа “фејсбук“, како и со Интерпол-Берн (Швајцарија) и еден интернет провајдер од Швајцарија. По целосно документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното ОЈО. – информира МВР.

Министерството за внатрешни работи на ист начин постапува по сите доставени пријави за закани за загрозување на безбедноста и сигурноста на сите граѓани. Сите пријави соодветно се примаат и се документира пријавената содржина. Дополнително по доставено известување до надлежен јавен обвинител, јавниот обвинител издава наредба до меѓународниот интернет сервис провајдер за добивање на дополнителни податоци за идентификација на сторителот, појаснуваат од МВР.

OhridNews