Премиерот Никола Груевски го осуди инцидент во Охрид, каде што на грчки туристички автобуси во неделата беа испишани пораки со недолична содржина

– Жалам за тој инцидент, тоа не е добра работа и го осудувам, кој и да го направил, рече Груевски.

Грчката Влада преку својот портпарол Комуцакос, вчера остро го осуди инцидентот во Охрид, кој јужниот сосед го припишува на национализмот што го генерирала владата во Скопје. Кумуцакос ги повика грчките граѓани, при патување во ФИРОМ, да обрнат посебно внимание и претпазливост на безбедноста и својот имот. Остра реакција денеска уследи и од грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани.

Во одговор на новинарско прашање за ваквите ставови на официјална  Атина , премиерот Груевски рече оти не смета дека тоа го порачала грчката Влада и дека инцидентот е чин на поединци.

– Нема потреба за таков апел, зашто ако така гледаме, нашите граѓани
се постојано изложени на такви притисоци и чкртања на возила. Не сметам
дека тоа го порачала грчката Влада или дека е организирано. Во секоја
држава има поединци кои ќе направат нешто, но така не се решаваат
проблемите. Јас сум за нивно решавање, но не на таков начин. Така
можеме да си одмогнеме, а не да си помогнеме, рече Груевски.

Ohridnews