Деновиве завршува поставувањето на рампите кон влезовите во стариот дел од градот, а утре ќе биде објавен и повикот за реевиденција на картичките кои ќе ги користат жителите на овој дел од градот кои, за разлика од останатите, ќе можат непречено да се движат. На рампите во текот на 24 часа ќе има лица кои ќе го надгледуваат движењето на возила. За претстојната сезона има промени во однос на зоните А и Б, а се воведува и премиум зоната што се протега од објектот на Македонска пошта и кај кружниот тек, каде паркирањето ќе чини 100 денари.

  • Жителите на стар град ќе се движат непречено, а ќе има уште една рампа кај Фаќачот на крст и ќе функционираат новите картички што сега ги издаваме. Во Премиум зоната од 1 јули до крајот на август ќе се наплаќа 100 денари со издавање на талон кој потоа ќе се плаќа на каса. Целта е да се дестимулира движењето на возила во центарот на градот, а сите зафати се прават според препораките на УНЕСКО за редуцирање на сообраќајот во Стар град. Целосна забрана во стариот дел ќе може кога движењето ќе се реши на друг начин, има идеја за набавка на мали електрични возила за идната година, вели градоначалникот Константин Георгиески.

Зоната Б ќе се прошири по улиците „Партизанска“ и „Димитар Влахов“ до пресекот со „Македонски просветители“. Зона А ќе се протега само на „Македонски просветители“. Вон сезона, во зоната Б ќе има еден ден за бесплатно паркирање и тоа ќе биде среда.

Опозицијата во советот реагира на ваквите измени, потенцирајќи дека затворањето со рампи на Стар град ќе значи правење на еден вид гето во дел од градот каде најголем дел од луѓето се занимаваат со туризам.

  • Се враќа зонирањето како што беше претходно, но имаме додавање на премиум зона, ќе видиме што за нас како граѓани ќе значи. Штетите по туризмот и угостителството ќе се почувствуваат. Свесно или несвесно ќе го умртвиме стариот дел од градот, а таму се дел од нештата со кои Охрид се гордее, рече координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Во однос на паркирање и движење на автобуси по Кеј Македонија, донесена е одлука гостите сместени во хотелите на потегот од хотел Ројал во правец кон каналот, да се носат мали комбиња, а да се обележат неколку пунктови за растовар.

OhridNews