Изградба на нови и обнова на постоечките фарми за бројлерско производство, создавање препознатлив домашен производ, константно производство и снабдување на пазарот со пилешко месо, добра промоција која е клуч на успехот, но и многу подобра организација, односно заеднички настап на пазарот.

Такви препораки се изнесени на денешната презентација на резултатите од „Проектот за развој на живинарството во Република Македонија“, спроведен со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО, соопшти ресорното Министерство.

Според соопштението, за препораките се согласиле учесниците на завршната работилница за проектот охрабрени од податоци во анкета според која 96 проценти од испитаниците консумираат пилешко месо, 80 проценти прават разлика меѓу замрзнатото и попосакуваното свежо месо, 62 проценти преферираат домашно пилешко месо, а речиси сите квалитетот и безбедната храна ги ставаат пред цената на производот.

Според министерот за земјоделство Михаил Цветков, развивањето на живинарството е утврдено како еден од клучните приоритети во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, а целта е до 2025 година во Македонија да се произведуваат 10.000  до 12.000 тони пилешко месо.

За остварување на поставената цел носечка улога ќе имаат семејните живинарски фарми, кои ќе бидат организирани во задруги, поради заеднички вложувања и користење ист кланичен капацитет, но и за полесен пласман на производите на пазарот. Дополнително, задругите ќе имаат можност да добијат поддршка од Владата преку вработување лице кое ќе управува со задругата, субвенции за набавка на потребна опрема, механизација и слично.

OhridNews