Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, истакна дека го радува што гласањето се одвива фер, демократски и без никакви посериозни проблеми и попречувања. Претседателот на Нова Демократија, Имер Селмани, истакна дека на изборите граѓаните одлучуваат според своите убедувања каква иднина сакаат. – Посакувам броењето на гласовите да биде коректно. Со денешниот ден да почнат промените за добро во Македонија, изјави Селмани.
Претседателот на Партија на обединети демократи на Македонија-ПОДЕМ Живко Јанкуловски, истакна дека очекува успех на овие избори, затоа што ПОДЕМ водеше европска, културна и модерна кампања- без навреди, наспроти политичката конкуренција.
Претседателот на Националната демократска преродба и носител на кандидатската листа во Изборна едница 6, Руфи Османи, потенцира дека очекува Македонија да добие позитивна оценка околу одржаните избори.
– Најголема придобивка од овие избори не е кој ќе победи, туку граѓаните да упатат јасна порака дека ова е последно гласање како толерираат малтретирање, закани, уцени и заплашувања од оние што сакаат да дојдат или да останат на власт, изјави по гласањето почесниот претседател на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски.
Лидерот на СДУ и носител на листата во Првата изборна единица, Лазар Еленовски, истакна дека се надева дека ќе победи демократијата во Македонија и дека по 20 години третата опција ќе ја добие својата политичка потврда и верификација и ќе започне еден нов процес.
За кандидатот за премиер на СДСМ, Радмила Шекеринска, најважно е граѓаните масовно да излезат и го дадат својот глас за оние кои што сметаат дека ќе дадат подобра иднина и повеќе можности за сите граѓани.
Лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски, дека е крајно време на Македонија да и се случат избори по европски терк.
Претседателот на НСДП, Тито Петковски, истакна дека овие избори мора да создадат енергија за да се реши клучното прашање- како земјата натаму да се справи со проблемот околу името.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, рече дека се надева дека сите чинители во овие избори ќе ја прифатат волјата на гласачите.
Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски рече дека очекува сигурна победа, што ќе значи промени и отворање нови перспективи за сите граѓани на Република Македонија.
– Мислам дека денеска во Република Македонија ќе победи слободата, дека по 21 ден предизборна кампања граѓаните на Република Македонија конечно сфатија дека се одлучува за слободата на Република Македонија, изјави лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски.
– Се надевам дека, овојпат, ги исполнавме стандардите околу одржувањето на изборите, изјави лидерот на ДПА Мендух Тачи.










