Изминативе недели во Република Македонија речиси секојдневно доаѓаат високи странски претставници да ги убедуваат македонските граѓани да излезат на референдумот и да ја прифатат грчката спогодба. Но, притоа, се заборава дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам, рече претседателот Ѓорѓе Иванов на своето обраќање на организираната гала свеченост од страна на македонската дијаспора во Детроит.

– Речиси секој од тие странски претставници со кои се среќавав ми го поставуваше прашањето: кој е мојот став во однос на референдумот за спогодбата. Ова е мојот одговор. Во своето обраќање до македонските граѓани во очи на референдумот за независноста во 1991 година, Претседателот Глигоров истакна дека референдумот треба да биде потврда дека Македонскиот народ е народ со долга историја, со разбудена демократска свест, и дека со тој референдум самостојно и одговорно треба да испишеме нова страница на сопственото битисување. За разлика од тоа, 27 години подоцна, со референдумот за грчката спогодба се брише таа придобивка за која се произнесоа македонските граѓани во 1991 година, рече Иванов.

Тој додаде дека секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

– Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, нагласи претседателот Иванов.

Според него, со спогодбата не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет.

  • Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал. А тој народ освен што полага историско право на својата Република, истовремено има историска одговорност кон таа своја Република. Бидејќи ниту една генерација, вклучително и нашата генерација, не може да тврди дека со неа започнува се. Ние сме дел од континуитетот. Наша обврска е да го сочуваме и да им го предадеме на потомците она што сме го наследиле од предците. Како што македонскиот народ е создавачот на Република Македонија, така и Република Македонија е чуварот на македонскиот идентитет. Прашањето за името и идентитетот е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес. Имајќи го сево ова предвид, јас ја донесов мојата одлука. Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука, рече во своето обраќање Иванов.

OhridNews