Сите кандидати кои претендираат за претседателски мандат на претстојните претседателски избори синоќа седнаа на тркалезна маса и дадоа свој одговор, свои видувања, идеи и идни планови за тоа што би направиле во идниот петгодишен претседателски мандат за државата во рамки на претседателската функција која би ја добиле со довербата на граѓаните, пренесува „Макфакс“.

Во дебатата која се одвиваше на националниот сервис во сабота навечер, претседателските кандидати Иванов, Халими, Пендаровски и Поповски говореа по три минути на седум прашања поврзани со надлежностите на претседателот околу надворешната и внатрешната политика со можност за реплики и контрареплики по однос на споделените ставови на кандидатите.

По однос на прашањето какви се односите на Македонија со соседите ставовите на претседателските кандидати различни.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, кој го бара вториот последователен мандат на позицијата шеф на државата, рече дека Македонија има извонредни односи со соседите кои никогаш не биле подобри во историјата на Македонија. Тој нагласи дека имал повеќе средби со колеги од соседството и биле вложени огромни заложби за подобрување и унапредување на односите, а како пример за соработка ги спомена регионалните иницијативи и економската соработка.

Стево Пендаровски, претседателски кандидат од редовите на СДСМ, пак, истакна дека регионот исчезнал од мапата на македонската политика. Тој потенцираше дека земја со пропорции како Македонија мора да се концентрира прво на регионот, но според него, земјава во моментов нема добри билатерални односи со соседите, го прескокнала регионот, а својот интерес го насочила кон земјите од БРИКС.

Кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски, истакна дека Македонија економски е упатена да ги унапредува односите со соседите но дека треба да се подобри комуникацијата со нив бидејќи, како што рече, не постојат нерешливи прашања.

Претседателскиот кандидат од ДПА, Иљаз Халими, приоритетот го постави на решавањето на проблемот со името и односите со Бугарија.

Едно од поставените прашања за кандидатите за претседател се однесуваше на проблемот со името кој Македонија го има со својот јужен сосед и какви решенија нудат тие по однос на ова горливо прашање за нашата земја кое години наназад е главна кочница за напредокот на во НАТО и евроинтеграциите.

Иванов по однос на ова прашање рече дека во минатото некој дозволил проблемот за името да се шири, а сега разговорите мора да се водат во рамките на резолуцијата на ОН и пресудата на судот во Хаг. Тој нагласи дека нема да дозволи промена на Уставот и дека доколку повторно ја добие довербата на граѓаните ќе продолжи во заложбите државата да стекнува пријатели меѓу земјите членки на ЕУ кои би ја поддржале земјава да почне преговори со ЕУ, а спорот со Грција да се решава паралелно.

Пендаровски по однос на ова прашање нагласи дека не може еден човек или партија да донесе решение. Според него потребно е да се истакне државен став и да се постават црвените линии па потоа да се преговара откако ќе се знаат границите до каде може да се оди во донесувањето решение на овој проблем. Како што подвлече решението никако не смее да допира во било која витална компонента на македонскиот идентитет.

Поповски решението го гледа во реактуелизирање на двојната формула и создавање пријателства меѓу државите членки на ЕУ.
Халими рече дека ќе се залага за формирање експертска група која повторно би ги разгледувала предлозите на Нимиц како и за создавање на мешовит комитет меѓу Македонија и Грција.

По однос на безбедносните ризици за земјава сите кандидати констатираа дека иако земјата е стабилна и нема конкретни можни закани сепак потребни се поголеми влогови и поголем буџет за армиските структури, модернизација на армијата, додека актуелниот претседател и претендент за иден претседателски мандат истакна дека и досега се вложувало многу иако за време на неговиот мандат цел свет се соочувал со светската економска криза, а паралелно се работело на подобрување на односите со партнерите од НАТО алијансата за што пример биле успешните мисии во кои учествувала и Македонија со своите воени претставници што, како што рече, се носеле рамо до рамо со припадниците на НАТО силите.

За образованието Иванов рече дека и досега и одсега ќе продолжи да вложува големи заложби преку голем број проекти и стимулирање на младите кадри Македонија да стане земја препознатлива по образованието и по нљаучниот кадар кој ќе достигнува врвни светски успеси.

Останатите кандидати истакнаа дека има уште многу што да се направи, пред сѐ да се отстрани политичкото влијание од универзитетските институции, да се донесат кадри кои ќе бидат пример за студентите со кои идните научници ќе се натпреваруваат да ги надминат во нивните достигнувања и да се подобри квалитетот на образованието и да се постават јасни критериуми. Халими истакна дека на Македонија потребна ѝ е стратегија со која ќе ги пополни идните кадри во однос на потребите кои ги има.

Иванов истакна дека доколку повторно биде претседател на Република Македонија во наредните пет години од мандатот земјата ја замислува како просперитетна држава, членка на НАТО и земја длабоко навлезена во преговорите со ЕУ.

Претседателскиот кандидат од СДСМ, Стево Пендаровски, нагласи дека доколку ја добие довербата на граѓаните ќе се залага за администрација во која ќе работат квалитетни, а не партиски кадри, независно судство и медиуми, а младите нема да бегаат надвор од границите на државата.

Македонија во иднина треба да биде земја со подобри меѓуетнички односи и со намалена невработеност истакна Халими.

Зоран Поповски, пак, рече дека Македонија ја замислува како држава на политички дијалог, слободни медиуми и толерантни меѓуетнички односи.

OhridNews
извор:„Макфакс“