Љубители на театарската уметност во Охрид ќе може да ја погледнат претставата „ТРИ“, првата професионална претстава на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица во нашата земја на македонски јазик. Станува збор за претстава наменета за широката детска публика и истовремено за децата кои се глувонеми и наглуви, а во која актерите паралелно зборуваат говорно, но и на знаковен јазик.

Режисерот Јован Ристовски вели дека инспирацијата потекнува уште од 2010 година, точно пред 11 години, кога го режирал интернационалниот музички фестивал Тра ла ла во Битола.

Две – три недели пред музичкиот фестивал дојдов до фикс –  идеја да поканам глувонемо дете кое на крајот од фестивалот на знаковен јазик ќе го интрпретира монологот кој беше на тема косомос со порака дека ние сите сме поврзани едни со други. Некои соработници коментираа дeка идејата не е добра на музички настан да настапува глувонема особа, но бев истраен и стоев до идејата до крај. Говорниот монолог беше снимен кој одеше на play back во интерпретација на актерка, а на сцената во живо пренесувајќи го на телевизија глувонемо девојче го интерпретираше на знаковен јазик монологот кој сите во салата го слушаа. Беше сензација за сите. По завршувањето на фестивалот, дознав дека соучениците на глувонемото девојче биле исто така во публиката. Тие едноставно уживале, беа пресреќни што присуствуваат на таков настан, додава режисерот.

Бев шокиран, збунет, фасциниран од нивните реакции и емотивно погоден од фактот дека глувонеми деца беа пресреќни на музички настан кој не го слушаат. Тоа ме донесе до идеја, и до прашањето – Што ако им направам претстава на тие деца со оштетен слух на знаковен јазик!? Ако се среќни со музички настан кој не го слушаат, тогаш тетараска претстава на знаковен јазик за нив би била  вистинска сензација за доживување. Така дојдов до реализација на идејата за претставата „ТРИ“ во која актерите зборуваат говорно, но и во исто време го изведуваат говорното дејствие на знаковен јазик, додава Ристовски.

Бидејќи театарска екипа не го познаваше знаковниот јазик и бидејќи е детска претстава фондот на зборови што го користевме е мал, за да може да биде разбирлив и за глувонемата публика и за широката публика која после претставата излегува со некое познавање на изрази (знаци) и букви на знаковен јазик. Сцените и репликите ги создававме во текот на процесот и ги адаптиравме. Секоја реплика прецизно ја обработувавме за да има тек и во говорното дејствие и во знаковното толкување, вели Ристовски.

Искуството од одиграната претстава претходно говори дека е постигата целта за интеракција помеѓу публиката и актерите, но воедно и за инклузија на сите деца.

Цела сала, децата со оштетен слух заедно со децата од широката публика ја повторуваа и ја учеа азбуката. Се случи магија, се случи љубов, се случи еднаквост помеѓу глувонемите деца и остантите деца. Тоа е повеќе од радост и среќа што можевме сите таму да ја дожвееме. Мисијата сум ја извршил. Инклузијата која често знае да се слушне денес, не е документ, досадна папирологија или скап семинар од илајдници евра. Претставата е пример за инклузија, таму, сите заедно во салата на едно место. Се случи таа инклузија во овој случај уживајќи во театарската сензација, додава Ристовски.

Во претставата играат актерите Никола Пројчевски, Маја Андоновска, Анастази Христовска, Сандра Грибовска, толкувач на знаковен јазик е Сузана Станоевска, а е во продукција на ATO.

Претставата ќе биде одиграна на 2 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 17 часот.

Н.С.Ј.