Претставници на Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид реализираа работна посета на Кожани и Лерин, Република Грција, на покана на ЕНВИРОПЛАН С.А.

Посетата беше организирана во рамките на проектот „Регионално управување со цврст отпад – Корпоративен развој и институционална поддршка“, финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и SECO, а спроведен од Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Заедничкиот конзорциум предводен од ЕНВИРОПЛАН С.А.

Целта на посетата беше запознавање со современите системи за управување со отпад, оперативното функционирање и мониторингот на регионалните центри за управување со отпад, како и практиките за заштита на животната средина и здравјето и безбедноста при работа, велат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Во рамките на посетата, посочуваат, учесниците го посетиле интегрираниот центар за управување со отпад и санитарната депонија во Кожани.

Таму се запознаа со процесите на секундарна селекција и рециклирање на комуналниот отпад, механичко-биолошкиот третман, преработката на материјалите и функционирањето на санитарната депонија. Во Лерин беше посетена претоварната станица, каде што беше презентиран процесот на претовар на комуналниот отпад во прес-контејнери и неговиот транспорт до депонијата во Кожани. Делегацијата го посети и Центарот за креативна повторна употреба, каде што се запозна со практиките за повторна употреба на предмети и материјали, потенцираат.

Работната посета, додаваат, беше од големо значење за размена на искуства, стекнување практични знаења и запознавање со успешни европски практики кои можат да придонесат кон воспоставување современ, ефикасен и одржлив систем за регионално управување со отпад.

OhridNews