Обезбедени се финансиски средства преку кредит од Светска банка со кој целосно ќе се опреми новото крило при болницата за трауматологија и ортопедија „Св Еразмо“, а градежните активности се речиси целосно завршени рече Министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на болницата.
Градежниот дел во новото крило од специјализираната болница за трауматологија и ортопедија е речиси целосно завршен, остануваат уште некои мали работи. Обезбедени се финансиски средства со кредит од Светска банка за целосно опремување на овој блок. Ова значи дека новото крило ќе биде целосно подготвено со потребната опрема за во него да бидат преселени делот за ортопедија и делот за интервентна кардиологија и да се стави во функција. Тој процес на набавка на опрема преку Светска банка ќе започне многу брзо, рече Филипче.
Изградбата на новото болничко крило ја започна претходната влада во 2015 година и според најавите на почетокот на градежните активности, требаше да се заврши во 2017 година.
К.А.













