Реконструкцијата на старата училишна зграда во с. Брежани, Општина Дебрца се ближи кон својот крај. Со градежните активности старата училишна зграда ќе биде преадаптирана во планинарски дом со капацитет од 20 легла.

Градежните активности се одвиваа во насока на зацврстување на објектот со армирано-бетонска конструкција, поставување санитарни јазли и електрична инсталација, поставување нова дограма, како и осовременување на градбата и нејзина преадаптација во планинарски дом, информираат од ПСС Охрид.

За градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, реализацијата на проектот е во директна корелација со визијата Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.

Инаку, активноста се реализира во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија и Министерството за локална самоуправа, преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Реализатори на проектот се Црвен крст Охрид, Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА Охрид, Општина Дебрца и Општина Грамш од Албанија.

OhridNews