Пред околу 30-тина претставници на туристичкиот сектор, туристички асоцијации, државни институции кои имаат ингеренции во областа на туризмот, претставници на неколку општини, образовни институции и граѓански организации експертите од Глобалниот совет за одржлив туризам ги презентираат стандардите на одржливиот туризам, и можностите за спроведување и подобрување на овие практики во Македонија.

Глобалниот совет за одржлив туризам е тело кое е спонзорирано од Светската туристичка организација на Обединетите нации и претставува врвен авторитет во светот за воспоставување на стандардите за одржлив туризам кои се однесуваат на одржливост на дестинациите и одржливоста на туристичките бизниси.

Одржливиот туризам се раководи според одредени стандарди кои ги земаат во предвид сите постојни и идни економски, општествени и еколошки влијанија, при задоволување на различните потреби на посетителите, индустријата, животната средина и домашната заедница.

Дводневната обука која се одржува денеска и утре во Охрид следи по извршената анализа на постојните практики за одржлив туризам во Македонија со посебен фокус на Охрид како туристичка дестинација која беше спроведена во март оваа година од страна на експерти на Глобалниот совет за одржлив туризам. Врз основа на препораките од извештајот обуката се фокусира на претставување на стандарди кои ќе ги подобрат практиките за намалување на емисиите на стакленички гасови од туристичкиот сектор, стандарди за патен транспорт со ниски јаглеродни емисии, управување со отпад, управување со туристи, развој на човечки ресурси, меѓу агенциска соработка, јавно-приватно партнерство и развој на мали и средни претпријатија и други теми.

Организацијата на обуката е во рамките на активностите на швајцарските програми за Зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и за Промоција на извозот SIPPO во соработка со Министерството за економија.

OhridNews