Уран Купа (27), жител на Велешта, инаку вработен во општина Струга како лично обезбедување на градоначалникот Зиадин Села, се води за исчезнат од 6-ти февруари, кога последен пат бил виден во јавност. Тој попладнето излегол од својот дом со автомобил „Ауди А4“ на прошетка, а последен пат бил виден околу 19.00 ч. на ул. „Ристо Крле“, по што му се губи секаква трага. Случајот во полицијата го пријавил неговиот татко во 1.15 ч. на 7-ми февруари.

Градоначалникот на Струга Зиадин Села смета дека неговиот вработен е киднапиран и упати апел до граѓаните да пријават доколку имаат било каква информација која може да помогне да се пронајде Уран Купа и побара од надлежните институции одговор за случајот.

-Вечерта кога е случен настанот, во Струга имало полициски службеници во цивил од други места кои вршеле легитимирање без знаење на ПС Струга. Тоа е индикативно и ни става на знаење дека органите за безбедност треба да имаат некакви информации, но за жал нема трага од нашиот вработен, што е доказ дека киднапирањето е извршено од професионалци.-рече Села на прес конференцијата во просториите на општината, на која присуствуваа и членови на семејството на исчезнатиот.

Тој изрази сомнеж дека вработениот кој се води за исчезнат можеби е предмет на полициска истрага.

-Ако е притворен бараме да ни се каже, доколку некој го прекршил законот треба да одговара, но нема да се толерираат повеќе вакви работи во Струга, затоа што не е прв пат на ваков начин да исчезнуваат луѓе од нашиот град.-рече Села, додавајќи дека за слушајот се информирани меѓународните фактори во земјата. 

Села посочи дека Уран Купа поседувал најсовремен мобилен телефон кој може да се лоцира. Критичната вечер од него тој пратил смс порака до семејството да не му се јавуваат бидејќи бил со луѓе. Но, смејството се сомнева дека тој не ја напишал таа порака, бидејќи никогаш порано не го направил тоа.

Поминаа повеќе од 30 часа од исчезнувањето. Бараме одговор каде е Уран Купа.-рече градоначалникот Села.

Од СВР Охрид информираат дека полицијата интензивно работи на решавање на случајот од моментот на пријавување.

-Во интерес на СВР Охрид и ПС Струга е да се реши случајот и оттаму сите наши сили и активности се насочени кон пронаоѓање на исчезнатото лице. Не ги коментираме изјавите на градоначалникот Зиадин Села и го повикуваме  да соработува со полицијата со цел побрзо да се расветли овој случај.-изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Toј истакна дека полицијата ги презела сите потрбни мерки за разрешување на случајот кој ја вознемири струшката јавност.

Г.М.