И годинава, за празникот Богојавление – Водици, осветувањето на езерските води и фрлањето на светиот крст ќе биде во 10 часот, кај градското пристаниште, информираат од координативното тело при локалната самоуправа која годинава заедно со Дебарско-кичевската епархија го организираат одбележувањето на големиот верски празник. Литургии по повод празникот ќе се одржат во сите парохиски цркви, а поаѓањето на литиите кон градското пристаниште ќе биде во 9.45 часот.

– Пријавувањето за фаќањето на крстот ќе започне во петок, во црквите Света Богородица – Каменско, Свети Ѓорѓи, Св.Никола Долна Влашка маала и Св.Никола-Геракомија. Секој од пријавените фаќачи ќе добие и маица, подарок од Дебарско – кичевската епархија, велат организаторите.

Групното крштевање ќе се одржи во месноста Сараиште во 12 часот.

Денот на рибарите, 20-ти јануари, годинава ќе се одбележи на Сараиште со почеток во 12 часот, каде ќе се подготвува рибна чорба, а бесплатно ќе се дели и пача, греана ракија и вино. Присутните ќе имаат можност да уживаат и во звуците на староградската музика и настапот на ансамблот „Билјана Јуниор“.

OhridNews