Стопанската комора и врачи признание на компанијата „Костал Македонија“ – Охрид за придонесот во домашната економија. Воедно, во знак на благодарност за успешната соработка, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, при вчерашната посета на компанијата му додели Признание на генералниот директор на „Костал Македонија“ ДООЕЛ – Охрид, Виктор Мизо, за особени заслуги за формирањето и развојот на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори при Комората.

Приказната за „Костал Македонија“ е еден успешен пример за „brownfield“ инвестиција, изградена на постојниот капацитет кој беше во многу лоша состојба, а со иницијатива на сопствениците и менаџерите на „Костал“ Групацијата, односно со инвестицијата која ја направија. Дел од овој индустриски комплекс повторно успеа да заживее и да се издигне во една успешна компанија со околу 400 вработени, со перспективи за натамошни инвестициски вложувања и уште повеќе нови вработувања, што претставува значајна придобивка и за поттикнување на економскиот развој на регионот, и на целата држава. –  истакна Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

„Костал Македонија“ ДООЕЛ – Охрид е компанија која активно е вклучена во работата на Стопанската комора на Македонија. Таа е една од компаниите – иницијатори за формирање на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странските инвеститори.

Оваа Асоцијација се формираше на 30 ноември 2018 година, со цел претставување и застапување специфичните интереси на странските компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зони, како и унапредување на јавно-приватниот дијалог со државните институции, во насока на подобрување на деловниот амбиент, зголемување на конкурентноста, намалување на невработеноста и економски развој, гледано од перспектива на странските инвеститори. – истакна генералниот директор на „Костал Македонија„ Виктор Мизо.

Во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство денес членуваат дваесет и две странски компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зелени зони од целата држава. Компаниите-членки на оваа Асоцијација во 2018 година вработуваат околу 20 илјади вработени со остварени годишни приходи од над 2,5 милијарди евра.

Извршниот директор на компанијата Костал, Каи Кникман, ја истакна одличната соработка со Стопанската комора на Македонија, која, како што рече, се грижи за секоја своја нова членка, како што е „Костал“, изразувајќи надеж дека таквата взаемна соработка и поддршка ќе продолжи и во иднина.

„Костал Македонија“ ДООЕЛ – Охрид е германска компанија која започна со работа во 2016 година. „Костал Груп“ е семејна компанија со традиција од 4 генерации, формирана во 1912 година и деловни активности во 21 земја на 5 континенти, со над 20.000 вработени и годишен обрт од 2,8 милијарди евра. Групацијата произведува електроника, електромеханика и мехатроника, со широк спектар на употреба во автомобилската индустрија. „Костал Македонија“ вчера најави проширување на производствените капацитети на површина од 19.595 м2, дополнителни вложувања од 40 милиони евра, и зголемување на бројот на вработени од сегашните 400 на 1150 до 2025 година. Постојани клиенти на фабриката во Охрид се реномирани светски брендови, како што се „БМВ“, „Дајмлер“, „Порше“, „Тесла“ и „Ролс Ројс“.