Бројот на хуманите луѓе, кои ја даруваат својата скапоцена течност за да им помогнат на другите, е во постојан подем. Минатата 2016 година на ниво на Македонија собрани се 55.100 единици крв, што значи надминување на програмата според која потребни се 55.000 единици.

За постигнувањето на оваа бројка голем придонес има и општинскиот Црвен крст кој во изминатата година организирал 15 редовни и вонредни крводарителски акции со што се задоволени потребите од крв и крвни продукти во здравствените установи во Охрид и поширокиот регион.

– Од секогаш ги сакам крводарителските акции, а исто така и моите деца. Додека можам и сум здрав ќе дарувам крв. Почнав во средношколските денови, продолжив додека бев во војска и еве уште тоа го правам, вели охриѓанецот Трајан Божиновски, кој досега дарувал крв 50 пати.  

Како што потенцираат од општинскиот Црвен крст, особено радува фактот што се поголем е бројот на младите крводарители, оние кои даруваат крв за прв пат.

– Тој процент е околу 25% во 2016 година, особено е голем одзивот на средношколците кои масовно се одзиваат на акциите и се надевам дека тој тренд ќе продолжи и понатаму, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков кој изрази благодарност до сите хумани луѓе кои биле дел од крводарителските акции и сите поддржувачи и помагатели кои допринеле крвадарителството да оствари големи резултатити и е во подем.

По повод 17-ти март, Денот на крводарителството во Македонија, во просториите на Црвен крст Охрид, се одржа пригодна свеченост  на која беа доделени признанија на крводарители, поединци, фирми, институции, медиуми  кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството.

OhridNews