Општина Струга успешно ја реализираше продажбата на службеното возило кое, како што велат, со години претставувало симбол на непотребниот луксуз и неодговорното трошење на јавните средства.

Продажбата беше спроведена по пат на јавна аукција, на која учествуваа 9 заинтересирани понудувачи од Струга, Охрид, Битола и Скопје. По транспарентна и конкурентна постапка, највисоката понуда во износ од 22.000 евра ја достави компанија од Битола, која беше избрана за најповолен понудувач. Со ова, во буџетот на Општина Струга се обезбедени дополнителни средства кои директно придонесуваат за намалување на јавниот долг и финансискиот товар што со години им беше оставен на граѓаните, потенцираат од Општина Струга.

Додаваат дека на Општина Струга не ѝ се потребни луксузни службени возила, туку функционална администрација, рационално управување со јавните средства и инвестиции кои ќе го подобрат секојдневниот живот на граѓаните.

Инаку, автомобилот, Ауди А6, кој Општина Струга го купи 67.000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамис Мерко предизвика дебата во јавноста дека е набавен во период кога општината била со блокирана сметка. Против Мерко се водеше судски спор, на кој судот во Струга одлучи дека нема вина за набавката на луксузното возило.

OhridNews