Потврда за завршена вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се задолжителни за влез во Грција, согласно новата министерска одлука на грчката Влада во која актуелните правила се продолжени за уште една седмица, односно до 21 јуни 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Во новата одлука што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а стапува во сила утре во 6 часот наутро, нема никакви промени во однос на претходната, а С. Македонија и понатаму е една од 23-те трети земји за кои постои исклучок од забраната за влез во Грција.

Кон С. Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.

Со оглед на тоа што Грција, веќе го воведе дигиталниот Ковид сертификат, додадена е и оваа можност како алтернатива, односно туристите можат да влезат во земјата со ваков сертификат во дигитална или печатена форма, кој треба да ги содржи податоците во врска со вакцинацијата или резултатот од последната проверка со употреба на брзи антигени тестови или ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.

Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен, карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена, а на последниот ден од карантинот, потребно е да се направи ПЦР тест.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

OhridNews