Дирекцијата за заштита и спасување и денеска ќе продолжи  со активностите за чистење на Охридското езеро од неексплодирани убојни средства, кои потекнуваат од времето на Првата и Втората светска војна. Во рамки на подготовките за акцијата, специјано обучени нуркачки екипи, во текот на вчерашниот ден,  на повеќе локации во охридско, извршија подводно снимање на езерото.

Овие  активности на Дирекцијата за заштита и спасување се финална операција на повеќегодишни истражувања и превземени мерки во Охридското езеро за отстранување и уништување на неексплодирани убојни средства. 


Дирекцијата ја известува  јавноста, граѓаните на Охрид и лицата кои престојуваат во градот дека се работи за остатоци од убојни средства стари десетици години. Тимовите на дирекцијата, заедно со стручњаците и преставниците на американскиот Стејт Департмент како и на нивното преставништво од Словенија, ги превземаат сите мерки за безбедност на целата операција.

Во операцијата за чистење на Охридското Езеро логистички се вклучени и МВР, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, Министерството за животна средина и просторно планирање, Локалната самоуправа на Охрид и Охридската Капетанија. Донатор на активностите е Министерството за надворешни работи на САД а покровител е Меѓународниот фонд за деминирање и помош на жртвите од мини.

Ohridnews