Не стивнуваат реакциите во јавноста по обелоденувањето на добитниците на Свети Климентовите признанија за 2009 година. По силните партиски препукувања и прозивки, со неколку дена задоцнување се јавија и одредени спортски асоцијации.  

Најновата реакција доаѓа од по повод доделувањето на Свети Климентовата повелба на планинарот Мишко Танески. Антонио Додевски од името на Македонската Алпинистичка Асоцијација и претседател на АК “ПАТАГОНИЈА’’ – Охрид, забележува на доделувањето на повелбата Св. Климент Охридски – патрон на градот на планинарот Мишко Танески. Во реакцијата сe релативизира успехот и признанието на Танески, кој како што се наведува, нема спортска тежина, а и поради тоа што Танески не бил член на алпинистичката асоцијација.

Во реакцијата се вели:

„Најнапред мораме да Ве информираме дека лицето Мишко Танески не е член на МАА и не е носител на ниту еден алпинистички назив според правилникот и критериумите на МАА.Од друга страна, претставувањето на егзотични светски туристички дестинации како сериозни спортски достигнувања претставува удар врз десетици млади македонски спортисти и врз нивните секојдневни напори за унапредување на спортот и постигнување на вистински достигнувања.

Секоја чест за луѓето кои имаат можности да си ги остваруваат своите соништа што е нормално и многу убаво, но нивното воздигнување од страна на медиумите до степен на врвно спортско достигнување претставува вистинско понижување за спортот“, вели Додески.

Мишко Танески на ова вели:

„Тоа што не сум член на алпинистичката асоцијација на Македонија е навистина точно,од овој момент и не сакам да бидам. Крајно жалосно и срамно е од луѓе кои се кажуваат како љубители на планините да омаловажуваат вакви акции во кои јас како Македонец и пасиониран планинар и љубител на планините ја претставував нашата држава низ Хималаите и на самиот врв го истакнав знамето на нашата заедничка татковина. Очигледно зависта и љубомората не можеа да ја премолчат па на ваков низок начин сакаат да ме деградираат. Во таа акција бевме четворица Македонци и сите сме заедно сликани на врвот па не ми е јасно зашто само јас се се спомнувам. Дали сум бил туристички или не покажуваат сликите и филмуваната сторија на врвот а и извештајот на Extremesummit team од Белград. Наградата дали ми е правилно или не доделена тоа нека го коментира комисијата која ја доделуваше.

Јас и понатаму ќе продолжам да ја претставувам Македонија и Охрид низ светот а вие продолжете да ме омаловажувате и следете ме на моето патување преку интернет. „Ако моите успеси некого го фрустрираат и ако единствен начин да ги смирам е да престанам со моите потфати кои се очигледно големи штом некој ја искажува фрустрацијата на ваков низок начин тогаш ќе престанам. Посетата на Хималаите ја издигна на високо ниво мојата толеранција и стрпливост и ме научи да ги сакам и почитувам луѓето и да им простам на сите бидејќи не знаат што прават. Ви посакувам успех во вашите алпинистички потфати“,  вели Танески.

Препупукувањата околу доделувањето на Свети Климентовите признаија, веќе се граничат со невкус и го девалвираат значењето на ова највисоко општинско признание,

Ohridnews