Продолжува инфраструктурниот развој на Охрид, во тек се градежни зафати за реконструкцијата на СОУ „Св. Климент Охридски“ и улицата „Кленоец“, а следуваат во наредниот период уште 10 нови проекти. Поддршката која ја добиваат општините во реализацијата на проектите од страна на Владата ќе продолжи и во следниот период, се во насока на подобрување на квалитетот на живот на жителите. Ова беше посочено при денешниот увид во градежните работи, на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Охрид , Кирил Пецаков, министерот за транспорт, Александар Николоски, министерката за образование, Весна Јанеска, пратеници во Собранието, советници, директори…

Toа што како локална самоуправа го наметнавме во изминатата година и пол на динамика на изведување на сериозни инфраструктурни капитални објекти на територија на општина Охрид го продолжуваме. Денес имавме можност да ги видиме сите оние зафати во Охридската гимназија, каде што во вкупна сума претставуваат околу 100 милиони денари. Тука досега е направено уредување на дворот, партерното уредување, оградата околу училиштето, машинско греење, внатрешна и надворешна дограма, кровот секако како еден од најбитните елементи, а во последната фаза на решавање на охридската гимназија ќе биде подот во целото училиште и секако понатаму реконструкција на спортската сала и промена на фасадата. Со комплетирање на сите овие чекори, ќе го имаме и последното средно училиште на територија на Општина Охрид коешто ќе биде тотално реконструирано и со нови, модерни услови за функционирање и за учење на оние на кои им е најпотребно, а тоа секако дека се учениците, рече Пецаков.

Со заедничка инфестиција помеѓу Владата и Општина Охрид од околу 83 милиони денари се реконструира и улицата „Кленоец“. Со реконтрукцијата опфатени се целосна промена на атмосферската канализација, фекалната канализациона мрежа, асфалтирање и уредување на тротоарите.

Водоводната линија на улицата „Кленоец“ претставува поврзување на повеќе од 10 до 12 илјади жители, коишто тековно, посебно во текот на летниот период и неделно се соочуваа со пет, шест или седум дефекти. Тоа ќе биде минато. Добиваме една модерна улица којашто ќе претставува инфраструктурен објект којшто ќе го користат повеќето граѓани во општина Охрид, посебно со начинот на којшто го развиваме тој дел од градот, тука мислам на старата касарна, посочи Пецаков.

Потенцираше дека во изминатите две години се случуваат или завршиле 23 проекти со вредност од 16 милиони евра.

Од кои, оние пари коишто Владата ги распределуваше по жител Општина Охрид доби приближно 9,5 милиони евра, останатите 6,5, односно 7, се средства коишто се покриени од страна на општина Охрид. Со несмален интензитет продолжуваме и понатаму. Веќе се нарачани 10 нови проекти за работа во наредните две години, зборувам поголеми проекти, така што ќе има доста што да гледаме во наредните две до три години по однос на инфраструктурниот развој на општина Охрид, додаде Пецаков.

Министерството за образование и наука во Охрид има три големи проекти, рече министерската за образование Весна Јаневска посочувајќи ги РЦСОО „Ванчо Питошески“ кој  е, како што рече, реновиран, енергетски ефикасен со работилници, модерна опрема, сè што е потребно за едно сериозно средно стручно образование.

Втори се вложувањата во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и тоа е завршено. Трето, јас верувам годинава, ако не на почетокот на идната година, дека ќе почнеме со темелна реконструкција на студентскиот дом „Никола Карев“. Севкупни вложувања на МОН од околу 5,5 милиони евра во Охрид. Ние направивме ревизија во студенскиот дом, свесни сме дека досегашното раководство крајно недомаќински работело и во моментов е процес на промена на директорот, но сметајте дека тој студентски дом од денес е затворен, без оглед што ќе има промена на директорот, и некаде очекувам пред крајот на годината да почне негова реконструкција. Работиме за младите и им овозможуваме подобри услови, секако и на нивните наставници кои се клучна карика во образовниот систем – за стекнување на повеќе знаења, повеќе вештини, повеќе компетенции, и секако со идеја дека тие ќе останат овде и во иднина ќе го водат градот Охрид, а се надевам и државата Македонија, додаде Јаневска.

Охрид се развива и полека но сигурно го добива она заслужено место коешто како град му припаѓа, рече премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека ветувањето на Владата за реалоцирање на голем дел од средствата од централниот буџет за проекти во општините е реализирано и досега по различни основи се покриени проекти од отприлика половина милијарда евра.

Тоа се некаде приближно околу 1.200 проекти, 1.200 градилишта. Дел од нив се завршени, дел се работат, помал дел се во фаза на тендерирање. Така што, очекувам да и во оваа година и веќе идната тоа биде полека завршено и полека да се подготвуваме и ние како Влада за уште еден ваков процес – да помогнеме за реализација на проекти во општините. Затоа што цениме дека ваквиот пристап беше успешен по неколку основи: го подобри квалитетот на животот на граѓаните во општините, бидејќи ова се проекти коишто во суштина се на првата линија на интерес на граѓаните во општините, истовремено учествуваат со позитивни бројки во бруто-домашниот производ и ценам дека на овој начин помагаме со тоа што ја помагаме и македонската економија, но истовремено она коешто за нас претставуваше примарна цел, а тоа е да го подобриме квалитетот на живот нна граѓаните. Така што, се подготвуваме уште и понатаму за ваков тип проекти, рече Мицкоски.

Истакна дека како Влада, локалната самоуправа, градоначалникот со својот тим ќе продолжат и понатаму својот фокус да го стават на Охрид и да испорачуваат проекти коишто ќе додадат вредност во квалитетот на животот на охриѓани и на граѓаните во Македонија.

Со пуштањето на автопатската делница којашто ќе ги поврзе Кичево и Охрид – ако биде секако како што треба, досега оди како што треба, најдоцна првиот квартал од следната година – и оваа година есента очекувам да биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, така што ќе се зголеми делницата којашто ја користат граѓаните како автопатска за уште дополнителни километри. Очекувам на тој начин да се намали растојанието и патувањето од неколку градови во Македонија до Охрид и на тој начин уште повеќе туристи да го посетуваат Охрид, додаде Мицкоски.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска