Во Центрите за вработување во Охрид и во Кичево, вчера, беа доделени сертификати на 30 кандидати кои учествуваа во обуките за основни ИТ – вештини како дел од ЕУ-ИПА проектот „Поддршка за вработување на млади, долгорочно невработени и жени“. Преку оваа мерка на проектот 1000 невработени лица на ниво на Македонија имаа можност да се стекнат со основни познавања од странски јазици и компјутери, што ќе им овозможи полесно да се пласираат на пазарот на трудот.
Исто така, од Агенцијата известуваат дека во рамки на третиот директен грант на овој проект „Поддршка за вработување на млади“ кој е исто така финансиран од ЕУ, невработените лица до 29 години кои се активни баратели на работа, имаат можност да се вклучат во две активни мерки: Практикантство и Обука за побарувани занимања на пазарот на трудот.
Во мерката „Практикантство“ можат да бидат вклучени млади лица до 29-годишна возраст, со минимум средна стручна подготовка, без претходно регистрирано работно искуство согласно образованието. За време на практичната тримесечна обука која ќе се изведува кај приватен обучувач, кандидатот ќе добива месечен надомест во износ од 6261 денар, со вкучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување и персонален данок на доход. Очекуван резултат по спроведување на мерката е 1000 невработени млади лица да бидат интегрирани на пазарот на трудот.
Во рамки на мерката „Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот“, 220 невработени лица на возраст до 29 години ќе имаат можност да се пријават за едно од следните занимања:
• Службеник во книговодство
• Неговател/ка на стари и немоќни лица во домашни услови
• Масер
• Шминкер
Обуките ќе се спроведуваат во период од 4 месеци и вклучуваат предавања, часови за подготовка на испит и испит(и) за стекнување сертиификат. Трошоците за месечниот надомест за учесниците во обуката во износ од 6261 денар со вкучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување и персонален данок на доход, ќе бидат покриени од Агенцијата за вработување.
Заинтересираните невработени млади лица и работодавачите можат да се пријават за учество во овие две мерки, во просториите на Центар за вработување – Охрид, секој работен ден од 8:30 – 16:30 часот, како и низ другите центри во државата или да се информираат на веб – страницата на Агенцијата за вработување www.avrm.gov.mk












