Проектот за реконструкција на кеј „Македонија“ е во завршна фаза. Станува збор за капитален инфраструктурен проект со кој ќе се уреди кејот и ќе добие нов изглед и организиран начин на поставување на урбана опрема. Ова беше соопштено на последната седница на Советот на Општина Охрид на која се дискутираше околу состојбата на кејот, поставеноста на типизираните куќарки и организацијата на просторот за време на летната туристичка сезона.

Советникот од СДСМ Јане Тодороски упати критики за начинот на управување со урбаната опрема за време на сезоната на кејот „Македонија“ и прашање до градоначалникот Кирил Пецаков зошто не се преземаат конкретни мерки.

Сведоци сме дека за време на туристичката сезона владее хаос кој од година на година е сè поголем, и годинава мое мислење е дека го доживеа својот максимум, тргнувајќи од кејот Македонија, таканаречените типизирани куќарки, понатака узурпацијата на плажите и на крај решението со затворање на улицата кај „Палас“. ​Па затоа конкретното прашање ми е дали ви е жал за тоа што му се случува на Охрид во туристичката сезона, и доколку ви е жал, зошто не се преземаат никакви конкретни мерки, конкретно за типизираните куќарки на кеј „Македонија“ за кои Општина Охрид има некои симболични суми на прибирање на средства?, праша Тодороски.

Градоначалникот Пецаков посочи дека типизираните куќарки се воведени уште од 2017-18 година за нивно унифицирање и поставување на една улица, со која одлука се согласува и денес.

Охрид има урбана опрема по однос на типизирани куќарки два месеци и тоа е спорно, а во цел свет, во секоја метропола, во секој главен град постои урбана опрема на исти принципи, доделување работа со street food и слични работи во текот на 12 месеци во самите центри на градови. Тука немам дилема, таа донесена одлука во тој момент сум ја поддржал и начинот на функционирање продолжува. ​Да, до лани постоеше одреден хаос којшто лично не можев да го прифатам и тоа почнуваме тековно да го решаваме, а организираниот начин на поставување на урбана опрема секако дека ќе биде со завршување на проектот „Реконструкција на кеј Македонија“, каде што ќе добијат сосема поинакви локации и сето тоа ќе изгледа многу покултурно од сега што изгледа.

​Хаосот, додаде, постоеше до минатата година заради принципот на исто издавање на куќарките во изминатите 8 до 9 години.

Горните куќарки коишто беа типизирани беа отстранети за да има шеталиште малку пошироко за сите оние коишто го посетуваат градот, мислам на туристите, а секако и граѓаните, и беа поставени во една улица каде што имаше можност да има организирана забава за најмладите. И најбитната работа е, ако 240.000 денари за изнајмување на куќарки на јавни наддавања се симболични суми и вадат отприлика три и пол до четири и пол плати годишно за ЈП, тогаш дозволете да не се сложам со вас, рече Пецаков.

Посочи дека ​улицата „Кеј Македонија“ била токму на тој принцип направена за да го нема она што изгледало како панаѓур со поставување на урбана опрема и играчките и забавните материјали биле поставени настрана од самото шеталиште за да добијат простор граѓаните.

Генералниот организиран начин на поставување и решавање на урбаната опрема ќе биде со проектот за кеј „Македонија“ кој е при крај. Тоа ќе биде капитален инфраструктурен проект на градот којшто ќе означи еден нов изглед на самиот кеј и ќе понуди нормално уште едно место коешто и инаку е атрактивно, но место во коешто луѓето, граѓаните на Охрид и туристите ќе уживаат. Така да, воопшто не се срамам, во Охрид хаосот ако мислите за време на пикот на туристичката сезона, многу повеќе ни е во сообраќајот, меѓутоа секако дека центарот и плоштадите, градските плоштади се местата коишто се најпосетувани во сите туристички центри во светот, не само тука, и нормално е зголемената бројка на луѓе да создава некаков си вид на гужва и хаос, како што го нарекувате вие, рече Пецаков обраќајќи се до советникот Тодороски.

Со поставување на урбана опрема, типизирани куќарки за бижутерија, за храна, за сите останати работи коишто се како активности, па дури и играчки и реквизити за забава наместо на цел кеј само од пресекот на кружното кај плоштадот Свети Климент Охридски до улицата кај „Палас“, додаде дека се овозможило поголем слободен простор за движење на граѓаните, а сообраќајното решение било со пренамена на дел од улицата.

Н.С.Ј.