Граѓаните и инвеститорите од вчера можат од дома да проверат дали низ нивна или друга локација за која се заинтересирани поминува инфраструктурен објект преку геопорталот што за таа намена го воспостави Агенцијата за катастар на недвижности.
 
На геопорталот може да се видат досега евидентираните оптички и бакарни кабли, кабли за пренос на електрична енергија, гасоводи, водоводи, канализации, трафостаници, базни станици, антени и други инфраструктурни објекти.
 
Во случај низ земјиште на граѓанин со решена сопственост да поминува каква било инфраструктура и за тоа има имотен лист може да побара надомест од операторот на таа инфраструктура. Искуствата, според директорот на Катастарот Славче Трпески, се најчесто да се постигне договор за еднократен надомест.
 
„Согласно Законот за сопственост и други стварни права поминувањето на една недвижност преку друга е регулирана со службеност. Граѓаните имаат право да си ги решат имотно правните работи со имателите на овие инфраструктури по пат на службеност. Ќе треба да се договорат околу службеноста како имателот на таа инфраструктура ќе влегува во дворот на граѓанинот со цел да пристапи до инфраструктурата. Договарањето секогаш е доброволно, а во спротивно по судски пат“, изјави Трпески.
 
За веќе изградените инфраструктурни објекти, имателите се должни до април следната година 40 проценти од своите инфраструктури да ги запишат во Катастарот, а до април 2018 комплетно да ги впишат и да добијат имотен лист.
 
Проектот на воспоставување на катастарот на инфраструктурни објекти Агенцијата за катастар го споведува 2,5 години и според раководството создадени се сите законски и подзаконски и софтверски решенија. Имотни листови од инфраструктурниот катастар веќе имаат Пристаништето во Охрид, како и Македонски телеком и Неотел за оптички и бакарни кабли.
 
Со имотниот лист за подземна или надземна инфраструктура се знае точно почетната и крајната точка, висината или длабочината.

OhridNews