Деновиве се одвива, за нас пресудната, 43 сесија на Комитетот за Светско Наследство во Баку, Азербејџан. По повеќе децении континуирано уништување (практично од осамостојувањето до денес) на агендата е разгледување на потребата нашето единствено светско природно и културно наследство да биде прогласено за светско наследство во опасност. Ова, според нас, е негова единствена шанса за опстанок.

Во медиумите и социјалните мрежи деновиве кружат ставови, анализи и сл. кои се базираат на неразбирање на она што ќе се разгледува во Баку и можните последици. Ставањето на Охрид на листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО – напротив, значи зајакнување на заштитата. Токму ова е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите. Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени Исклучителните Универзални Вредности.

Во оваа смисла, најпатриотскиот чин кој нашата делегација може (и ако сака да го зачува најголемото природно и културно богатство – мора) да го направи во Баку, е да побара Охрид да отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО. За жал, по се што сведочевме од 2017та наваму наивно е да очекуваме дека ова ќе се случи, односно дека личните и партиските интереси ќе бидат ставени зад интересите на државата и на сите следни генерации. Останува да се надеваме дека светот ќе биде позагрижен за уникатното богатство на Охридскиот регион и ќе ја зголеми неговата заштита со тоа што ќе го прогласи за наследство во опасност.

Александра Бујароска- „Фронт 21-42“

 

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите