Пролонгирањето на рокот за откуп на дворно земјиште драстично го намали интересот на граѓаните за поднесување на барање за откуп.

Големиот метеж и турканици во просториите на подрачното одделение за Имотно- правни работи го нема. За разлика од последните неколку денови пред истекување на првично дадениот рок 27- ми јануари, кога во подрачното одделение на Управата за имотно правни работи се поднесуваа неколку стотици барања, деновиве до одделението не е поднесено ниту едно барање.


Како што информираат од подрачното одделение во Охрид, само во текот на последните три дена пред истекот на рокот биле поднесени вкупно 3030 барања.

Од таму објаснуваат дека сега следува средување на поднесената документација и нејзино распределување до вработените кои ќе ги работаат предметите. Во наредните шест месеци се очекува поднесителите на барањата сами да се пријават до одделението и ја достават комплетната документација. Доколку тоа не го направат во овој период, тогаш тие и писмено ќе бидат информирани и повикани. Доколку тие не се одзват на повикот, нивните барања ќе бидат отфрлени.

Секој кој поднел барање за откуп на дворно земјиште, до одделението е должен да поднесе документ за правен основ за стекнување корисничко право, имотен лист, изјава за фактичко владение и копија од лична карта.  
 
Со одлука на владата рокот за откуп на дворно земјиште по цена од едно евро за метар квадратен беше пролонгиран до 31. 12. 2012 година.

Т. К.