Утре, 3 јуни, во рамките на проектот „Четврта годишна средба на роднокрајни автори“ кој е дел од програмата за работа на установата, а финансиран од страна на Министерството за култура и туризам, НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе ги промовира третиот алманах „По стапките на Прличев“ и видео проектот со пет родонокрајни автори.

Алманахот е плод на врската на Библиотеката со поетите и писателите од Охрид и околината, па дури до Австралија.

Стиховите и прозата од вкупно 29 автори кои се вклучија во проектот ја слават книжевната душа на Охрид. Годинава нашата литературна сцена одбележува и три јубилеи на автори кои твореле и творат за Охрид и потекнуваат и живееле и живеат во градот крај синото Езеро, Видое Видически – 95 години од раѓањето, Светлана Христова – Јоциќ, 85 години од раѓањето и Љупчо Милковски – 70 години од раѓањето. Нивните создадени песни, стихови, проза, поеми, раскази и романи љубоморно се чуваат во нашето роднокрајно одделение, но се и на дофат на читателската публика, а по една нивна песна е објавена и во новиот Алманх, велат од Библиотеката.

Воедно информираат дека утре во Прличевата одаја заедно со Алманахот од 11 часот ќе биде промовиран и видео проектот со роднокрајни автори.

Снимени се пет интервјуа со Енис Хилми, Митко Колјушески, Елена Обухова, Митре Мангоски – Радождански и Виолета Ачкоска. Со нив Библиотеката ќе го збогати својот аудио и видео фонд. Носител на проектите е Милчо Јованоски, виш библиотекар, додаваат од Библиотеката.

OhridNews