„We Will Never End“  е новиот албум на познатиот охридски музичар Владимир Василевски Четкар, што ќе биде промовиран во сабота на 20 октомври во дискотеката „Парк“ во Охрид. Симболичниот наслов кој порачува да нема никогаш крај на убавите нешта во животот, содржи седум теми во кои Четкар се појавува како повеќестран музичар. Тој е автор на музиката, аранжер, гитарист, вокалист.. 


Четкар утре вечер го промовира новиот албум во Охрид

Она што оставува во увото после првото слушање е прекрасната оркестарска музика што ги следи темите на албумот, а тоа што фасцинира е исклучително квалитетниот музички звук, за што покрај снимањето во студијата во Boston и New York, најголема заслуга има мастерувањето направено во култното студио на мега популарниот мастеринг инжинер Tom Coyne во неговото Sterling Sound студио во New York. Како дојде до соработката на Четкар со мастеринг мајсторот број 1 во светот, низ чие студио поминале албумите на George Benson, Jamiroquai, Maxwell, George Michael, Sade, Joss Stone и други познати музички звезди?
          
-Целта ми беше на новиот албум да се потпишат имиња кои се ценети во светската музичка индустрија, тој да биде со длабок уметнички  аспект и да биде комерцијално квалитетен. Она што се случи со Tom Coyne,, беше повеќе од сон за мене. Слушајќи ги албумите на Sade и Maxwell, го запознав овој мајстор на мастерингот, што како последен продукциски чекор ја прави главната разлика меѓу демо снимките и високо професионалниот музички звук. Иако не очекував соработка со него, сепак сакав да му ги испратам да ги слушне материјалите од албумот. Она што веројатно го освои е мојот стил кој многу потсетува на ретро музиката од 70-тите години, тоа е грандиозна музика во живо, со оркестрации, со дувачи, гудачи и живи музичари. На мое изненадување, тој звук изгледа предизвика носталгија кај Coyne, го потстети на неговите почетоци, и тоа што вакви обемни и тешки проекти повеќе не се работат поради напредокот на технологијата, беше пресудно тој да ми понуди соработка. Стерлинг Саунд студио работи само со големи имиња од светската поп индустрија.  Мастерингот на мојот албум со потписот на Коин, што го добив по специјалната симболична цена, за мене е потврда дека сеуште има ентузијазам во музиката и дека таа треба да постои  поради музиката, а не поради популарноста и комерцијалните аспекти кои одат со музичките звезди, вели Владимир Четкар. 


Владимир Четкар

Од седумте теми на албумот, шест се нови, а седмата е бонус трака на неговиот популарен хит  „Oceane of love“. Од нив,  четири се вокални теми, а две инструментални, каде Четкар се јавува како гитарист. Една тема е посветена на Охрид и се вика „The magic hill od Lihnid“, што би значело Лихнидскиот магичен рид. Инспириран од новите археолошки откритија кои ја будат романтиката кај секого што ќе ја почувстува енергијата што зрачи од старите вредности како што се златната маска, ранохристијанските базилики, скулптурата на Дедал и слично, за авторот тие се сведоштво дека Охрид навистина е маѓичен рид и затоа тој песната му ја посветува на неговиот роден град.

-Пораката што преку албумот сакам да им ја пренесам на слушателите е содржана во насловот. За нас ќе нема крај ја симболизира  бесмртноста со што ја величам позитивната енергија, љубовта и ентузијазмот што ни се случуваат во животот,на што сакам да им дадам вечност и на кои им го посветувам моето најново творештво. Вели Четкар, според кого енергијата исцрпена од вљубеноста како главна инспирација и сила што го движи универзумот е единствена состојба на совршеност што дава чувство дека можеме да постигнеме се што сакаме.

Излегувањето на вториот албум е пресуден за мојата соло кариера. Вниманието што веќе го предизивика овој соло проект, преку светската промоција на Ministri Of Sound Radio London и BFBS Radio 1 во Англија, и интересот за правење ремикси со што ќе се продолжи векот на албумот, за мене е вистински показател дека мојата музичка кариера во иднина ќе оди во солистичка насока. Мојата преселба од Boston во  New York, на Menhatan, во центарот на музичките збиднувања каде има  највисока концентрација на музичка енергија во светот, значи можност да го насочам погледот на строгото око на музичката индустрија врз себеси, вели Четкар кој верува дека вратите во музичкиот свет полесно ќе ги отвора со материјалите од новиот албум. 

Промоцијата на „We Will Never End“ од Владимир Василевски Четкар е во сабота од 21 и 30 часот во дискотеката Парк во Охрид. До полоќ влезот е исклучиво со покани, а потоа забавата ќе биде од отворен тип. Организаторите најавуваат многу музика во живо со македонскиот бенд на Четкар и програма со избрана храна, шампањ, забава и се разбира познати фаци од јавниот живот кои со обожавателите на Четкар ќе му  посакаат долг живот и милионска публика на албумот од најновото творештво на овој охридски музички бренд во светот.

       Нина Кепеска
photo by Maya Chose