Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска во Владата на Република Македонија одржа прес конференција на која ја презентираше Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Софтверското решение на оваа алатка овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на функционерите и да се прави споредба на трошоците на државните службеници, по типови на трошоци, и во различни временски интервали. Алатката од денеска е достапна пред целата македонска јавност на веб страницата на Владата на РМ.

Министерот Поповски на прес конференцијата потсети дека Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции доаѓа како резултат на одлуката од 42-рата седница владата, со која беа задолжени министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и Премиерот на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци направени во рамките во првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември 2017 година.

Софтверското решение ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни за сите. Алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство и т.н.

– Целта на оваа алатка е да ги држи трошоците на јавните функционери на најниско ниво и да алармира доколку се јават отстапки во трошењата на јавните средства. Оваа одлука се однесува на 60-тина функционери од извршната власт, кои во оваа прва фаза имаат обврска своите трошења да ги изложат пред очите на јавноста. Во следната фаза, кругот ќе се прошири и на други државни службеници и раководители на органи на државната управа, истакна министерот Поповски на прес конференцијата. Поповски информираше дека ќе следи нов пресек со објавување на трошоците за вторите шест месеци од стапувањето на функција, а подоцна алатката ќе се полни редовно со податоци за трошењата и таа во секој момент ќе им биде на увид на граѓаните. – Намерата е трошоците да се намалуваат и да се сведат само на продуктивни трошоци, неопходни за непречено спроведување на работните активности на функционерите и институциите – рече министерот Поповски.

За поголема прегледност и споредбена анализа, министерот Поповски информираше дека во алатката за визуализација се вметнавме и трошењата на функционерите од претходната Влада во првите 6 месеци од преземањето на функциите по изборите, поточно за периодот јуни–ноември 2014 година, за да се утврди нивото на трошењата на функционерите на актуелната влада и да добие увид дали овие функционери трошат повеќе или помалку од функционерите од претходната влада. Поповски истакна дека споредбените податоци покажуваат дека актуелниот владин состав потрошил речиси два и пол пати помалку државни пари, во првите 6 месеци, во однос на функционерите на претходната влада, по преземањето на нивните функции во 2014 година.

– Оваа владата во првите 6 месеци од своето работење потрошиле за службени трошоци 21.890.462 денари, додека владата на Груевски во првите 6 месеци од 2014 година, по формирањето, потрошила двојно повеќе, односно 44.909.835 денари. Во истиот период, Никола Груевски како премиер потрошил 5.183.102 ден или за скоро дупло повеќе од тоа што потрошил премиерот Заев, во првите 6 месеци, односно 2.918.531 денар – информираше Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.

Според достапните податоци на Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, министрите без ресор на претходната влада потрошиле скоро 4 пати повеќе народни пари – 10, 5 милиони денари во 2014-та, наспроти 2,77 милиони денари во 2017 година.

OhridNews