Со прекрасната изведба на Прличевата „1762 лето“ од страна на оркестарот и пејачката група на ФА „Бисери“ започна промоцијата на монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952 – 2022) на авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска со која Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ ја одбележа 70 годишнината од почетокот на култната манифестација „Прличеви беседи“.

Промоторот на монографијата беше новинарот и публицист Владо Жура кој истакна дека станува збор за вистинска моногрфија, сведоштво со сите нишани.

Монографијата е хроника за еден културен настан „Прличевите беседи“ во која покрај воведот поместени се податоци за иницијативата за беседите во далечната 1952 година, хронологијата на манифестацијата и искажувања на беседниците. Тука е споменат и Блаже Конески, па се нижат спомени за Прличевите визити и сеќавања на современици на Прличев, беседи изречени во последните 25 години, како и имињата на лауреатите за најдобра поема напишна на македонски јазик. Тука се и цитати на домашни и странски автори посветени на делото на Прличев, рече Жура.

Основа, да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година, рече во обраќањето авторот и директор на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ Милчо Јованоски.

Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев.  Свесни сме дека со веќе собраното и објавеното ни од далеку неможеме да ги затвориме страниците на Прличев, туку напротив ги оставаме отворени за повторно ние или некој после нас да го збогати мозаикот наречен Прличев, истакна Јованоски.

Концепциски, додаде Јованоски, оваа монографија е надградена и збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети. Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев, вели Јованоски.

Посебно сме горди што монографијата беше готова и отпечатена во годината посветена на Блаже Конески, кој слободно може да се рече дека е следбеник и продолжувач на Прличевото дело, додаде Јованоски.

Издавањето на монографијата финансиски  е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.

Н.С.Ј.