Коалицијата „ВМРО за Македонија“ во која членуваат ВМРО-Народна партија, Достоинство и Обединети за Македонија, во денеска се промоовира како трета опција на македонската политичка сцена, пренесува „Макфакс“.

Тројцата претседатели на партиите, Љубчо Георгиевски, Стојанче Ангелов и Љубе Бошкоски, потпишаа договор за коалицирање и ги повикаа сите слободноумни граѓани да им се придружат во борбата за соборување на сегашниот режим и за изградба на нова, демократска и економски просперитетна Македонија.

За шеф на Изборниот штаб на „ВМРО за Македонија“ беше промовиран Ден Дончев кој потенцираше дека основни определби на коалицијата се демократизација на општеството, враќање на вледеењето на правото, економски напредок, влез во ЕУ, пораз на дискредитираното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на достоинството на старото автентично членство кое целосно беше згазено од ова раководство.

„Денеска имаме нова борба пред нас, имаме нова група луѓе која треба да се победи, и на крајот да се дојде до онаа основна цел, која ја имавме во раните 90-ти години, а тоа е самостојна, независна, но демократска Република Македонија. Во овие 25 години Македонија остануваше поделена меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Денес, по оваа двегодишна криза, никогаш не била посозреана состојбата за една трета, независна опција“, рече Љубчо Георгиевски.

„ВМРО за Македонија“, според него е трета автохтона идеја и затоа ги повикува сите разочарани членови од ВМРО-ДПМНЕ повторно да го пронајдат изворното ВМРО кај нив, но тие ќе понудат програма и идеи со кои ќе ги задоволат апетитите на луѓе од центарот, а ќе бидат отворени и за оние од левицата, ако препознаат вистински и прави идеи во нив.

Бошкоски рече дека со Георгиевски постојано биле во контакт и заедно во борбата за Македонија.

„Но, тогаш сонувавме да ја видиме Македонија слободна самостојна, со сите државотворни атрибути. Ја имаме денес Македонија таква, Македонија од сонот на Љубчо Георгиевски. По втор пат нѐ обединија во 2001 година, но тогаш ни се приклучи еден млад човек, кој тогаш стана генерал Стојанче Ангелов. Денеска, како судбината да нѐ присили нешто што е појако од нас, од нашите лични човечки амбиции, нешто што е посилно од суетите човечки, а тоа е Македонија. И еве по трет пат се обединуваме за Македонија и победоносно чекориме“, рече Бошкоски.

„По сите контроверзи што можевме да ги слушнеме во јавноста деновиве, можам да кажам дека ми е чест 15 години подоцна, 15 години по крвавата 2001 година со премиерот во чие време најдобро се живееше. Да соработувам со премиерот којшто ни остави целосно одврзани раце во одбраната на татковината. Да соработувам со премиерот којшто ни донесе борбени авиони, борбени хеликоптери, тенкови и целокупната друга воена опрема за одбрана на татковината“, рече Стојанче Ангелов од Достоинство.
Стојанче Ангелов, потсетувајќи се на 2001 година, за време на конфликтот кога министер за одбрана беше токму, другиот негов коалициски партнер Љубе Бошкоски, рече дека од него се сеќава како им рекол дајте кај треба да потпишам и правете како што мислите кога требало да нападат едно село со утврдени припадници на ОНА.
Тој верува дека заедно со нив ќе го урнат режимот на Никола Груевски.

Од новоформираната коалиција рекоа дека листата за кандидати за пратеници сѐ уште е во фаза на изработка и дека за тоа дополнително ќе ја известат јавноста. Исто така, дополнително ќе биде презентирана и нивната политичка и економска платформа.

Во петтата изборна единица каде спаѓа Охрид, носител ќе биде Љубе Бошкоски, а на 2 пшозиција е претседателот на ОК ВМРО НП – Охрид Ванчо Костоски. Комплетните пратенички листи коалицијата ќе ги објави наредната недела.

OhridNews