Здружението „Богојавление“, денес, и официјално ги промовира овогодинешните кумови на манифестацијата по повод христијанскиот празник Водици- градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот пријател Сашо Симески.

Како што истакна Бакрачески, да се биде кум на манифестацијата која од година во година прераснува во препознатлив бренд во Македонија и пошироко, е голема чест.

– Го прифатив кумството заедно со мојот најдобар другар со кого не врзува и кумство во приватниот живот. Ова за мене е чин на предавање на една од најголемите духовни и хумани вредности со кои може да се закити еден охриѓанец или граѓанин на Македонија и е своевидна обврска да се споделуваат хуманите и духовните, традиционални и верски позитивни вредности меѓу населението во Охрид, да се развива позитивниот дух кај граѓаните, изјави новиот кум на Водици, Бакрачески.

Претседателот на здружението „Богојавление“, Љупчо Арнаудов, истакна  дека во текот на изминатите години вложен е голем труд за манифестацијата да прерасне во настан кој е препознатлив и кој е се помасовно посетен.

Како и секоја година така и оваа испратени се покани до сите дипломатски претставништва, се надевам дека и годинава освен домашни гости, за Водици ќе имаме и голем број гости од странство, рече Арнаудов.

Годинава, одбележувањето на празникот Водици ќе трае четири дена. Ќе започне на 17- ти јануари со концерт, а на 18- ти јануари е предвидена културно- уметничка програма. На 19- ти јануари е традиционалното фаќање на светиот крст во водите на езерото, а на 20- ти јануари ќе се одбележи и Денот на рибарите.

Т.К.