Јавното обвинителство информира дека и покрај тешко пристапниoт терен и лошите услови, се преземаат мерки за прибирање докази и утврдување на фактите за причините за авионската несреќа што се случи вчера кај селото Кожле, во близина на скопскиот аеродром.

-Увидот се врши од страна на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои раководат со увидните екипи од надлежните органи. По наредба на јавен обвинител обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Снимките од дронот ќе бидат од голема помош за утврдување на динамиката на движењето на леталото, како и за разоткривање на начинот на кој дошло до несреќата. Едновремено, во Јавното обвинителство се врши испитување на двајца пилоти од Италија кои биле со други две летала и слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Испитувањето се врши со цел прибирање на податоци и информации. Основното јавно обвинителство Скопје повика и стручно лице кое е компетентно за овој вид на несреќи, со цел да придонесе кон истражните дејствија. – соопшти обвинителството.

Од обвинителството уште информираат дека увидните екипи кои се наоѓаат на местото каде вчера во попладневните часови се урна авион од типот „Пајпер“ ги пронашле сите шест тела од починатите патници. Станува збор за пет мажи и една жена. Телата се подготвени за пренесување во Институтот за судска медицина каде што во наредниот период по налог на Јавен обвинител ќе следи постапка за идентификација, се вели во соопштението. 

OhridNews