Под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“, опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска со почеток во 18 часот, ќе одржи протест во Охрид.

Време е граѓаните на Република Македонија да се обединат и да се стави крај на лудоста на Зоран Заев, човекот кој што сака да ги продаде националните интереси. Заев јавно да се извини за навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои. Заев не може да испорача ништо добро за својата држава и мора да си оди. Оставка веднаш! Само со оставка на Зоран Заев, македонските граѓани ќе живеат подобро. – порачаа од ВМРО ДПМНЕ.

Покрај во Охрид, ВМРО ДПМНЕ ќе протестира и во: Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола.

Овие протести на опозицијата доаѓаат по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската БГНЕС, во која тој коментираше чувствителни историски моменти од периодот на Втората светска војна, што предизвика бура реакции во домашната јавност.

Покрај протести, ВМРО-ДПМНЕ најави дека заедно со другите опозицискии партии ќе побара да се расправа за доверба на владата.

Таму во Собранието ќе може да се слушнат аргументи. Тоа ќе биде одлично и за Османи, и за Димитров, и за Заев да кажат што сработиле и дали заслужуваат доверба или не. – истакна синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување на ТВ 21 во емисијата „Клик плус“.

Тој рече дека во текот на следната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесе до Собрание ваквото барање и неделата потоа ќе се отвори дебата во Парламентот.

Да видиме кој што ќе каже, бидејќи силите во парламентот се пола-пола. – кажа Мицкоски.

OhridNews