Навремена исплата на плати, одржлив развој, инвестирање и одржување во основните средства за работа како во делот на платниот промет, така и во делот на достава, побараа денес на мирен протест вработените во Македонска пошта – подружница Охрид. Како што велат, компанијата се наоѓа во сериозна финансиска криза која се провлекува подолг временски период. Исплатата на плати се пролонгирала од месец во месец со неколку дена задоцнување, а вработените се исплашени за следната исплата. Додаваат дека се загрижени за опстанокот и развојот на поштата во иднина.

Бараме од менаџерскиот тим да има посериозен пристап и да покажат разбирање дека сепак во прашање се егзистенцијални прашања на сите вработени. Бараме да се преземат конкретни мерки и чекори за решавање на ваквата состојба и нормално функционирање на Македонска пошта, како што доликува на една ваква компанија која е од стратешки интерес на државата, вели Тони Матески вработен во подружницата на Македонска пошта во Охрид  и претставник на Синдикат на Македонска пошта.

Вработените побараа да им бидат подобрени условите за работа особено во делот на доставата. Редовно да се одржуваат превозните средства и да се обезбедат униформи. Ваквата ситуација, велат, се одразува и на услугите кои треба да ги добијат крајните корисници.

Условите за работа не се на завидно ниво, нема вложување ни во платниот промет, ни во делот на доставата. Се соочуваме со проблем за одржувањето на основни средства за работа како што се компјутери, принтери, тонери, хартија. Во делот на доставата немаме доволно средства за работа, униформи, мопеди, велосипеди. Потребни ни се инвестиции барем во основни средства за одржлива работа, вели Матески

Револтот преку мирен протест денес изразија вработените во сите експозитури и подружници на Македонски пошти низ државава. Репрезентативните синдикати, пак, на официјала средба ќе ги достават барањата до Управниот одбор и до генералниот директор, иако тоа го сториле досега во неколку наврати, но не вродило со плод.

Во подружницата на Македонски пошти во Охрид која ги опфаќа Струга и Дебар има  160 вработени.

К.А.