Движењето „За заедничка Македонија“ и вечерва протестираше во Охрид.
Протестот и овој пат започна од плоштадот кај поранешен мини маркет, по што учесниците продефилираа по улицата „Димитар Влахов“ и булеварот “Македонски Просветители“, од каде низ чаршијата се упатија на градскиот плоштад.
Поддржувачите на движењето „За Заедничка Македонија“ велат дека протестираат против платформата на политичките партии на Албанците со која, според нив, се предвидува воведување двојазичност на територијата на целата држава, уставни и други законски измени кои го загрозуваат унитарниот карактер на државата и претставуваат вовед во федерализација на земјата.
Граѓанската иницијатива вечерва во Скопје одржа протест пред Собранието на Р. Македонија каде денеска се одржуваше координација на парламентарните групи и каде еврокомесарот Јоханес Хан одржа средби со лидерите на политичките партии за изнаоѓање решение за излез од длабоката политичка криза.
Тие уште еднаш рекоа „Не“ за Тиранската платформа и му изразија поддршка на претседателот Иванов кој својот термин за средба со Хан го отстапи на претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои пак, симболично му подарија маичка со логото „4Илинден“. Учесниците на протестот истакнаа дека е време еврокомесарот Хан да ги дознае причините за 20-дневните протести во Македонија.
Претходно протести имаше и пред седиштето на ЕУ во Скопје каде учесниците на Хан му порачаа дека не е добредојден во земјата.
OhridNews












