Постои политичка волја за реформи во законодавниот дом, оцени претседателот на Собраниетѕо Талат Џафери по завршување на првиот дел од политичкиот дијалог на парламентарните партии наречен процес „Жан Моне“, што се одржува во Охрид.
– Темите на дискусија се најавените – потребата од измени и дополнувања на Деловникот и носењето на етички кодекс, со додадени прашања на она што во други форми веќе е разговарано, а тоа е поголема самостојност и независнот на Собранието. Претпладнево имавме плодна дебата по однос на Кодексот имислам дека таа е завршена по однос текстот изготвен со поддршка на ЕУ и таа очекувам да резултира со консензуално негово донесување како водилка во однос на однесувањето на пратениците во и надвор од Собранието. – рече Џафери нагласувајќи го тоа прашање од особена важност за враќањето на довербата во институцијата пратеник.
Според Џафери присуството на сите парламентарни партии на дијалогот во Охрид, ќе придонесе во изнајдување консензуални решенија за сите отворени прашања, а во насока на подобрување на на работата на Собранието. Во тој контекст е ицијативата за донесување на Етички кодекс, кој, како што нагласи спикерот Џафери, предвидува морално-етички , а не кривично-правни аспекти, оттаму што по дефиниција пратениците за работата во Собранието не одговараат за она што ќе го кажат.
Дијалогот во Охрид ќе биде заокружен со заклучоци што ќе бидат презентирани на вечерата на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеи Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.
Г.М.













