Графити поврзани со актуелната политичка ситуација во кои се спомнуваат имиња на актуелни политичари од СДСМ, осамнаа во центарот н Охрид. Во еден од нив директно е прозван претседателот на општинската организација на СДСМ Томислав Тунтев.
Тунтев на ваквите прозивки одговори на неговиот фејсбук профил, прашувајќи ги нарачателите и нивните извршители зошто не реагирале на двојазичноста во Охрид која е присутна во одредени државни институции со години.
-Не знам зошто мене ме прашуваат, и тоа скриено, кукавички, пишувајќи ноќе по улици… нека си ги прашаат партиските шефови и раководните лица во фондот за здравство или во поштата во Охрид… тие би требало да знаат зошто во подрачните единици во Охрид натписите во институциите се и на албански… – напиша Тунтев на Фејсбук.
Тунтев обвини дека деновиве политичките неистомисленици кршат партиски симболи, пишуваат навредливи графити и испраќаат отворени закани кон членовите и симпатизерите на СДСМ, како дека се упатуваат закани за војна и насилство, што според него претставува крајно неодговорно однесување кое може да има несогледливи последици.
– Жалосно е што никој од локалната власт или од општинската ВМРО ДПМНЕ со ниту еден збор не се огради и не го осуди пишувањето ваквите недостојни и навредливи графити против пратеници во македонскиот парламент. Тоа само го потврдува заклучокот дека власта стои зад ваквите срамни активности. Сепак, ништо нема да ги спречи промените што доаѓаат и многу наскоро во Македонија ќе завладеат правдата, слободата и демократијата. – додава Тунтев.
OhridNews













