Првиот „Летен камп” за деца припадници на македонските национални малцинства кои живеат во соседните држави на Република Македонија ќе се одржи од  12 до 19 август во Охрид.
Како што пренесува „Макфакс“, овој настан е дел од проектот на Владата на Република Македонија – „Далеку, а блиску”, а главна цел е подигање на нивото на познавањето на македонскиот јазик меѓу припадниците на македонските национални малцинства во соседните земји и македонските заедници во дијаспората.
„Со овој настан треба да се подобри познавањето на мајчиниот јазик на целната група и едновремено да се создаде поголемо заедништво помеѓу Македонците од соседните земји. Покрај конвенционалната настава по македонски јазик, ќе биде организирано и учење низ игра и забава, а во текот на неделата ќе бидат посетени повеќе значајни културно – историски места во Охрид и околината“, информираат од македонското МНР.
Во иднина се предвидува „Летниот камп” да прерасне во традиционален настан и истиот да се одржува секоја година како собир на најдобрите ученици кои ги посетувале разните модалитети на изучување на македонскиот јазик во соседството и дијаспората.
OhridNews
извор:„Макфакс“