Фудбалерите на Струга Трим Лум и Борец ги поделија бодовите ремизирајќи 1-1 (0-0) на Градскиот стадион во Струга во последната рунда од есенската полусезона во Првата македонска фудбалска лига.

Струга ТЛ може да жали за преостанатите два бодови од натпреварот, но мора да биде задоволна бидејќи во текот на мечот први до предност стигнаа гостите од Велес.

„Црвено белите“, многу добро го отворија мечот и го потиснаа противникот на сопствената половина. Првата прилика за погодок ја имаше напаѓачот Христијан Кировски, кој ја затресе гредата од голот на Борец. Најзрелата шанса ја имаше Нијас Лена. Креаторот на играта во тимот на Струга ТЛ не реализираше „зицер“ ситуација шутирајќи покрај голот.

Казна за нереализираните шанси стружани добија на стартот од второто полувреме. Гостите од првиот поконректен напад постигнаа погодок и поведоа со 1-0. Стрелец на голот беше Роберт Коцев. На стружани малку време им беше потребно да се консолидираат и да почнат со жестоки напади. Од неколкуте шанси, најпрецизен беше Арбен Тафе. Ударот со глава од дефанзивецот прво заврши во пречката па во гредата за 1-1.

Изедначувачкиот погодок им даде крилја на домаќините. „Црвено белите“, нападнаа и почнаа да притискаат и да бркаат втор погодок. Гостите и покрај големиот притисок издржаа и го освоија првиот бод на гостински терен сезонава.

Во супер дербито во Скопје, лидерот на табелата Вардар и Шкендија ремизираа 2-2. Разликата помеѓу двата клубови останува иста осум бодови. Во текот на мечот Вардар два пати водеше, а Шкендија исто толку изедначуваше.

Двојки:

Струга ТЛ – Борец 1-1

Вардар – Шкендија 2-2

Ренова – Работнички 4-3

Силекс – Академија Пандев 3-1

Шкупи – Македонија ЃП 2-3

Табела: Вардар 36, Шкендија 28, А. Пандев 27, Македонија ЃП 26, Струга ТЛ 24, Шкупи 22, Борец 20, Ренова 19, Работнички 15.

OhridNews