Фудбалерите на Струга Трим Лум им се вратија на победите во прволигашката конкуренција, совладувајќи ја струмичка Беласица со 3-1 (2-0), во рамките од 25-та рунда во македонската фудбалска елита.

Сите дилеми околу победникот на Градскиот стадион „ФК Караорман“, стружани, ги решија по само 45 минути игра во кои постигнаа два погодоци. Резултатотот го отвори дефанзивецот Александар Ристески во 18-та минута кој натрча на одбиената топка и ја смести во гостинската мрежа. Водството го дуплираше Клинсман Цаке во 25-та минута кој со петтица доволно ја „чепна“ топката да го префрли голманот на гостите. На 3-0 Струга Трим Лум зголеми со помош на Антонио Каланоски, кој ја затресе сопствената мрежа. Гостите во финишот постигнаа почесен погодок и го ублажија поразот.

„Вечното“ дерби помеѓу Пелистер и Вардар им припадна на домаќините со 2-0. Творец на победата за битолчани беше Борче Маневски, кој ги постигна двата погодоци. Маневски реализираше во 17-та и 87-та за сигурна победа на „зелено белите“.

  • Резултати:

Пелистер – Вардар 2-0

Работнички – Борец 2-1

Шкендија – Силекс 2-1

Шкупи – Ренова 0-2

Струга ТЛ – Беласица 3-1

Табела: Шкендија 56, Шкупи 46, Македонија ЃП 41, Струга ТЛ 37, Работнички 36, Борец 33, Пелистер 32, Академија Пандев 31, Ренова 27, Вардар 27, Силекс 26, Беласица 12

OhridNews