Во првата македонска фудбалска лига се одиграа два натпревари од третата и завршна етапа. Трофејот од мината сезона кој ги краси витрините на Ренова “ништо чудно“ годинава да заврши во “црвено-црниот“ дел од градот Тетово.


 
Шкендија по 24-то коло е лидер на табелата и на осум кола пред крајот имаат капитална предност од седум бодови пред своите конкуренти. “Црвено-црните“ во минатогодишната сезона без потешкотии ја покорија Втората фудбалска лига, а на добар пат се тоа го направат и оваа година во Првата лига.


Металург по бледата есенска полусезона во пролетната се препороди доведувајќи ги искусните Илијоски, Начевски во нападот. Петте победи во шесте натпревари во пролетниот дел “зелените“ ги лансираа на второто место на табелата.


Работнички кој ја минува низ турбулентен период е на третата позиција и цврсто стои на нозе по сите случувања на клубот. “Романтичарите“ почнаа со Стратев кој подоцна се пресели во Вардар, продолжија со помошникот на Мирсад Јонуз во репрезентацијата, Влатко Костов кој по четири натпревари поднесе оставка. Сега тренер на “дебармаалци“ е Горан Петрески- Чунга Лунга кој имаше деби од соништата триумфирајќи над градскиот ривал Вардар со 3-1.

Актуелниот првак Ренова никако да влезе во препознатливата форма, тренерот на “гипсарите“ Билбил Соколи неможе да ја најде дефиницијата за победа вон Тетово. Но на “стара слава“ Ренова е на четвртото место на табелата со исто бодови колку што има и Работнички.

На Хоризонт Турново и Напредок не му е загрозен прволигашкиот статус кои се на петтото односно шестото место на табелата.  Хоризонт Турново со одличните резултати во есенскиот дел ветуваа повеќе но го немаат искуството за да го направат решавачкиот чекор за повисок пласман.

Напредок предводен од охриѓаните Драган Бочески на клупата и Ристе Маркоски на теренот, по се изгледа ќе избори опстанок во првата лига и наредната сезона ќе се игра прволигашки фудбал во Кичево.

Битката за опстанок во прволигашкото друштво ќе биде грчевито, освојувачот на Купот на Македонија, Тетекс  со 31 бод ја дели седмата позиција со Силекс. “Штофарите“  кои играат “топло ладно“ во оваа сезона пред нив им престои “жешка“  пролет додека трикратниот првак Силекс со сите сили ќе тргне да си го обели образот во оваа сезона.

Двете екипи кои ќе се пласираат на деветтото и десеттото место опстанок во Првата лига ќе бркаат низ баражот моментално на тие две позиции се наоѓаат Брегалница со 29 бодови и Скопје со два помалце односно 27.

Вардар со 21 бод е на претпоследната сезона и само чудо може да го остави во игра најтрофејниот клуб во Македонија во игра за баражот. Сликата за Пелистер е жална но последното место на табелата e илустратор на ситуацијата во клубот.


Михаил Постоловски