Пресудата која беше донесена против пчелар од Охрид, обвинет дека негов рој на пчели нападнале охриѓанец, потврдена од страна и на Апелациониот суд во Битола. Обвинетиот Лазе Грозданов вели единствено е намален износот на казната која првично во Основниот суд во Охрид беше од 15 000 евра, додека во битолскиот суд износот е намален на 350 00 денари.

Требаше ли да поминат 8 години за еден ваков безначаен случај за јас да бидам малтретиран со семејството, влечкани по институциите, да бидеме задолжени да плаќаме вештачења, и сето тоа со надеж дека навистина еден ден правдата ќе биде задоволена. За жал на Велики четврток ја добив пораката од мојот адвокат дека судот во Битола ја има потврдено само пресудата, односно дел ја има уважено бидејќи истиот господин што ме тужеше има побарано 20.000 евра за оштета. Ние се жалевме судот во Охрид донесе 15.000 евра за судот во Битола да донесе 350.000 денари казна, 134.000 денари адвокатски трошоци, вештачења, значи се доаѓа до цифра од околу 10.000 евра, вели Грозданов.

Последните 8 години, вели Грозданов, се соочив со сета суровост на нашиот правосуден систем почнувајќи од Судот во Охрид, за конечно да финишира со Апелација во Битола, со пресуда за која навистина не чувствувам нити грам одговорност. Вели чекав до крај и слепо верував дека институциите ќе стават крај на лудилото кое беше поведено уште во 2014 година.

Овој спор мене ме чини многу повеќе бидејќи во првичната постапка Судот во Охрид ме казни околу 3.000 евра која казна ја платив мислејќи дека се ќе заврши. Ќе најдеме начин да го обесштетиме господинот бидејќи друг излез нема, но се плашиме дека ова ќе стане една судска пракса и ќе треба да размислиме дали ќе треба да продолжиме да се занимаваме со пчеларство или не. На сите ни е јасно дека без пчелите нашиот живот е бесмислен. Во вакви услови не сме спремни да се посветиме повеќе на пчелите. Со вакви изнудени казни нема да можеме да се носиме. Штетите ќе ги трпиме сите, но вистината е подалеку оттука, додава Грозданов.

Вели има многу нелогичности во целата постапка, во изнесување на тврдења кои не се поткрепени со соодветни докази и факти.

Тука ги наведува обвинувањето за нападот од рој пчели кои го напуштиле сандакот и го нападнале само тужителот, но не и член на неговото семејство, бројот на убоди кои биле наведени дека се само два, анафилактичен шок за кој тврди дека го имал, ама според временскиот период кој е поминат до моментот да појде на лекар нема логика, како и терапијата препишана од лекар која е за лесен тип на алергиската реакција.

Тука правдата не завршува. Правдата ќе ја барам во Судот во Стразбур. Ја имаме максималната поддршка од сите пчелари на ниво на Македонија, пчелите и пчеларството не треба да бидат жртва на одредени поединци кои мислат дека можат да направат се и сешто, имајќи и чувствувајќи ја власта како силна заднина во остварувањето на нивните лични цели да се пресметуваат со пчеларите, додава Грозданов.

Тони Јосифоски, претседател на пчеларското здружение Охрид вели дека крајно се разочарани од судската одлука.

Секој може да поведе постапка и да отвори спор, но Судот не требаше да ја прифати оваа судска одлука бидејќи истата не е донесена врз база на докази и факти. Сите сме во страв и не знам дали ќе продолжиме со чување на пчели или не. Извршно решение веќе има колегата. Тоа што можеме во моментов да му помогнеме е да му дадеме поддршка која веќе во писмена форма ја има од сите пчеларски здруженија во државава и правдата да се бара пред институциите надвор од државата, додава Јосифоски.

Велат досега ваков случај немало во Македонија, но со оглед на оваа ситуација стравуваат дека може во иднина да има.

Н.С.Ј.