Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Мишел Платини е противник на формирање на регионални лиги во Европа.

Платини, во четвртокот, ја коментирал идејата која ја покренаа неколку
руски тимови. Потпомогнати од Газпром тие сакаат заедничка лига во која
уште би учествувале екипи од Украина и уште од неколку земји од
поранешниот СССР.

„Тоа е многу сериозно прашање, јас не ја поддржувам таа идеја“, рекол
Платини во Софија по седницата на Извршниот комитет на УЕФА.

Кон крајот на минатата година, водечките руски тимови: ЦСКА; Зенит и
Анжи најавија дека веќе од 2014 година би можела да се формира заедничка
лига во која уште би учествувале Спартак, Локомотива, Динамо пет или
шест водечки екипи од Украина, како и неколку преставници на Белорусија,
Ерменија и Азербејџан.

Идејата веднаш ја поддржа Газпром, спонзор на Лигата на шампиони, од
каде ветиле силно спонзорство и подобри услови за спонзорства и
телевизиски права, со што на земјите од источна Европа би им било
овозможено финансиски да се доближат до клубовите кои се дел од петте
најсилни лиги на Стариот континент.

Инаку просечните приходи на клубовите во Руската премиер лига во 2010
година изнесувале 38 милиони евра, додека во Украина изнесувале 15
милиони евра, а дури и кај најбогатите голем удел во приходите имаат и
евентуалните успеси во европските купови.

Финансискиот учинок на европските клубови е многу поголем, на листата на
30-те најбогати клубови во Европа само Ајакс и Галатасарај не се дел од
првенствата на Англија, Германија, Шпанија, Италија, Франција и
Португалија.

Покрај идејата на руските екипи, заедничка лига би сакале да формираат
Чешка и Словачка, а се почесто се разговара за една или две лиги во кои
би биле вклучени екипи од овие две држави како и од Бугарија, Унгарија,
Романија и од земјите на поранешна Југославија.

Иако за УЕФА овие идеи се неприфатливи, во моментов како експеримент
функционира заедничката БеНе лига – лигата на Белгија и Холандија.

„Направивме тест во Белгија и Холандија, но ќе ни бидат потребни
најмалку две години да ги видиме последиците, пред Извршниот комитет на
УЕФА да донесе одлука“, рекол Платини.

“Макфакс“