Од денеска, 21 јуни до 18 октомври, авиокомпанијата Аустриан ерлајнс ќе лета меѓу Виена и Охрид двапати неделно, секој четврток и недела.
Со свечен пречек и сечење црвена лента, за првиот лет и првите 154 патници што пристигнаа од Виена на аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, Аустриан ерлајнс (Austrian Airlines) официјално ја отвори својата нова авиолинија Виена – Охрид.
Новата авиолинија, што ќе сообраќа од денеска до 18 октомври, двапати неделно, секој четврток и недела, претставува значаен чекор во подобрувањето на меѓународната поврзаност на Охрид и регионот, обезбедувајќи им на патниците директен пристап до една од најважните европски дестинации за бизнис, туризам и култура.
Авиолинијата на Аустриан ерлајнс од Охрид до Виена ќе донесе многу придобивки. Прво, за нашиот аеродром, а потоа и за развојот на туризмот во регионот и целокупната економска поврзаност на земјата, бидејќи преку оваа директна воздушна врска, Охрид добива пристап до еден од најважните европски воздухопловни центри, обезбедувајќи им на патниците брзи и ефикасни конекции до бројни дестинации низ Европа и светот. Особено е значајно што оваа авиолинија ја користат различни категории патници – од туристи и бизнисмени до транзитни патници и наши сограѓани кои живеат и работат во странство, и затоа нашите очекувања се дека ќе донесе околу 5 илјади дојдовни патници, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како аеродромски оператор, нашата цел е континуирано да ја подобруваме поврзаноста на земјата и да создаваме услови за раст на патничкиот сообраќај, особено сега кога двата македонски аеродроми управувани под концесија од ТАВ Македонија се официјално признати меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа од страна на Меѓународниот совет на аеродроми во Европа (ACI Europe), рече Курт.
Ова признание служи како силна мотивација за нас, особено во време кога воздухопловната индустрија се соочува со предизвици. Според рангирањата, Северна Македонија со над 30% зголемување на патничкиот сообраќај, во моментов е еден од најбрзо растечките авијациски пазари во географска Европа меѓу земјите надвор од ЕУ“, фодаде тој.
Горди сме што уште повеќе го зголемуваме нашето присуство со отворање на втора дестинација во Северна Македонија, истакна Штефан Линхарт, виш директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во групацијата Луфтханза.
Градот Охрид и неговата околина стануваат сè попривлечни за патниците од целиот свет и со нетрпение очекуваме да донесеме повеќе гости во овој прекрасен регион, како и да отвориме уште една порта за луѓето од Северна Македонија да патуваат низ светот преку Виена, изјави Линхарт.
Воведувањето на линијата Виена-Охрид претставува важен чекор во зајакнувањето на врските меѓу Австрија и Северна Македонија, посочи Матијас Хуменбергер, заменик шеф на мисијата на австриската амбасада во Северна Македонија.
Освен подобрувањето на поврзаноста, оваа нова врска ќе го поддржи туризмот, деловната соработка и културната размена, а воедно ќе создаде нови можности за луѓето и заедниците во двете земји. Задоволни сме што ова партнерство ги зближува нашите земји уште повеќе и помага да се претстават Охрид и Северна Македонија пред пошироката меѓународна публика, рече Хуменбергер.
Авиолинијата Виена-Охрид е втората нова линија за летање лансирана од аеродромот во Охрид од почетокот на јуни. На 7 јуни пристигна првиот лет од полскиот град Вроцлав, по што следеше авиолинијата Охрид-Катовице која беше вратена на 9 јуни. Во меѓувреме, сезонските линии на Ер Србија (Air Serbia) од Белград до Охрид и на Туркиш ерлајнс (Turkish Airlines) од Истанбул до Охрид, исто така почнаа да сообраќаат на 8 и 16 јуни, соодветно. Во текот на летниот ред на летови, осум авиокомпании ќе летаат од аеродромот Св. Апостол Павле Охрид до вкупно 17 дестинации. Од нив, 14 се редовни и сезонски линии, додека три се чартер летови.
OhridNews















